fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Платите се трошат на храна и сметки

Немам вишок пари ни облека да си купам, а не пак да одам во кино или театар, вели повозрасна жителка..

Ако ја анализираме минималната синдикална кошничка, најголем дел од парите се трошат за храна и сметки, а најмалку за култура и одржување на здравјето.

Минималната синдикална кошничка за февруари изнесувала 36.146 денари. Од нив за исхрана и пијалаци одат 15.440,48 денари или 42,72 отсто, а за домување се неопходни 11.511,6 денари, односно 31,85 отсто. За хигиена на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле потребни 2.453,63 денари или 6,79 отсто, за превоз 2.766,32, односно 7,65 отсто, за облека и обувки 2.156,61 денар, или 5,97 отсто. За култура, семејствата трошеле 1.067,86 денари, односно 2,95 отсто, а за одржување на здравјето најмалку, односно 749,07 денари или 2,07 отсто.

Ги прашавме граѓаните кога последен пат посетиле кино, театар или пак си купиле книга, при што повеќето не можат да се сетат кога го сториле тоа. Велат дека со години или пак со децении не одвоиле пари за оваа намена. Според нив, не треба тоа да биде луксуз, но едноставно условите се такви и првенствено гледаат да ги задоволат потребите за храна и да ги платат сметките, пишува Фактор.мк.

„Немам вишок пари ни облека да си купам, а не пак да одам во кино или театар. Книга не паметам кога сум купила последен пат. Јас не можам да одвојам 300 или 500 денари за купување на книга“, вели Ленче, повозрасна граѓанка.

Другите кои ги прашавме на оваа тема, велат дека во средношколските денови купувале книги, но денес не.

„Народот нема пари, работи само за јадење, само за да преживее и ништо друго. Книга последен пат купив пред 15 години на Саем на книгата во Скопје. Убаво е да се купуваат книги, тоа не треба да биде луксуз, но сепак е. И луѓето во  моето опкружување исто не одат ни во кино, ни во театар. Последен пат сум била во кино пред 30 години“, раскажува Јасмина, граѓанка.

Велат секој сака да прочита добра книга, но пари нема. Признаваат дека не купуваат ниту весници, затоа што и тоа за нив е трошок.

„Не паметам кога последен пат сум си купила книга, веројатно кога одев  на училиште пред 20 години, а истото важи и за посета за кино и театар. Искрено да кажам, сега ми е луксуз да одвојам пари да купувам книги“, рече друга граѓанка Соња.

Социологот Татјана Филиповска вели дека голем број граѓани во земјава се сиромашни, средната класа скоро и да ја нема, и во вакви услови, граѓаните не можат многу да си дозволат, туку животот се сведува на задоволување на основните потреби.

„Македонците се умешни да преживеат со малку, но сиромаштијата ги натерала да бидат умешни. Кога влегуваме во маркет, не купуваме тоа што сакаме, и што ни се допаѓа, туку тоа што можеме да си дозволиме. Се крати на патувања, култура, рекреација, затоа што тоа се веќе секундарни потреби, а се мисли на задоволување на примарните потреби, иако сме 21 век и треба да размислуваме за култура, патувања, запознавање на други култури“, објаснува Филиповска.

Според податоците на Евростат, во Шведска домаќинствата најмногу пари одвојуваат за културни добра, а на дното се Кипар и Бугарија.https://faktor.mk/platite-se-troshat-za-hrana-i-smetki-gi-prashavme-gragjanite-koga-posleden-pat-bile-vo-kino-teatar-ili-pak-si-kupile-kniga

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close