fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Илегалното труење го уништува биодиверзитетот на Балканот, само еден процент од случаите завршуваат на суд

Студија за труење на мршојадците 2022, објавена во рамки на проектот „BalkanDetox LIFE“, финансиран од страна на Европската Унија.

Илегалната употреба на отровни супстанци во животната средина со цел отстранување на „несакани“ животни го осиромашува биодиверзитетот и претставува закана за јавното здравје, а сепак и понатаму се провлекува нерегистрирано и неказнето, се наведува во новата Студија за труење на мршојадците 2022, објавена во рамки на проектот „BalkanDetox LIFE“, финансиран од страна на Европската Унија.

Според студијата, илегалната употреба на отровни мамки не е само предизвик за заштита на дивите животни. Имено, помеѓу 2000 и 2020 година се регистрирани дури 1.046 потврдени и непотврдени случаи со труење во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Србија и Грција. Како главен мотив за појавата на овие инциденти се конфликтите со крупните ѕверови (најчесто волци, лисици, шакали и мечки) поради штетите кои тие умеат да ги нанесат врз добитокот, обработливото земјиште и ловниот дивеч.

– Оваа пракса не е решение за конфликтите помеѓу човекот и дивите животни. Ова е неселективен начин на убивање животни кој исто така ги засега и загрозените животински видови, луѓето па дури и децата, истакна проектен координаторот на „BalkanDetox LIFE“, Урош Пантовиќ.

Според студијата, мршојадците се најчестата жртва при илегалното труење и се појавуваат во секое четврто труење. Помеѓу 2000 и 2020 година се регистрирани дури 465 отруени белоглави мршојадци, 47 египетски мршојадци, 17 црни и еден брадест бршојадец. Популацијата на белоглави мршојадци е најзасегната со дури 400 затруени единки во 233 одделни инциденти. Глувчарите и лисиците се следни со 392 отруени единки во 190 вакви настани, односно 389 единки во 141 случај со труење.

– Проценето е дека 115 мршојадци годишно гинат на Балканот доколку го земеме предвид фактот дека само околу 20 проценти од случаите можеме да ги регистрираме и документираме, вели раководителот на програма во Фондацијата за заштита на мршојадците, Јован Андевски.

Според студијата, овие загуби нанесуваат огромна штета врз популациите на мршојадците во регионот и имаат доведено до регионално истребување на некои видови. Труењето на диви животни продолжува да биде најсериозната закана за опстанокот на мршојадците на Балканскиот Полуостров како и главна причина поради која нивниот број не се враќа во нормала. Овие факти се земаат предвид кога се кројат планови за наредните мерки за заштита на дивите видови особено мршојадци, како на пример пуштање на птици во природата или нивно одгледување во заробеништво со цел нивна реинтродукција.

Се заклучува дека е итна потребата од борба против отрови.

– Ниската свест, недоволната вклученост на државните институции, нејасната легислатива и надлежност, недостигот на капацитети и ресурси се главните пречки за ефективно решавање со овој проблем на Балканот, се истакнува во студијата.

Справување со труењето на дивите животни повлекува мултидисциплинарен пристап и заеднички напори од страна на повеќе сектори.

Проектот „BalkanDetox LIFE“ ја подига свеста за сериозноста на оваа штетна пракса и тежнее кон осуда на овие настани.

Проектот дополнително цели кон вклучување на релевантните институции и градење на капацитетите преку Академијата за криминал против дивиот свет како и други обуки со цел подобрување на истрагата и справувањето со случаите со труење.

Исто така, една од целите е воспоставување на ефикасни оперативни протоколи каде јасно ќе бидат наведени одговорностите во пријавувањето, истрага и менаџирање на случаите со труење, базирано на најдобри практики од други држави. Дополнително, проектот ќе ја подобри комуникацијата и протокот на информации помеѓу надлежните институции и сектори поврзани со оваа проблематика.

– Сите долгогодишни напори за зачувување на мршојадците во нашата држава можат да пропаднат во вода со само еден поголем инцидент со труење. Во минатото имаме регистрирано случаи каде само во еден наврат биле отруени повеќе птици отколку што сега може да се сретнат во цела држава. Крајно време е да се сфати овој проблем сериозно, изјави проектен координаторот во Македонското еколошко друштво (МЕД), Ненад Петровски.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close