fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Олевени-селото со шестe цркви

Храмот посветен на “Св. Ѓорѓи“ е најстарата црква во село Олевени.

Селото Олевени се наоѓа во Пелагонија, јужно од градот Битола. Во антиката, патот Виа Егнација поминувал токму преку денешното село Олевени.

Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година во еден договор за заем склучен помеѓу вакафот на Ибрахим Челеби и населението од село Олевени.

Селото за првпат се споменува во турски документ и помеѓу 1650 и 1750 година под името Халевени. За време на турското ропство, земјата од ова село припаѓала на Сали-ефенди од Битола. Потоа ја наследиле неговите синови и ќерки, па така во 1912 година тука се затекнати 6-7 чифлици. Малку своја земја имале само пет семејства: Бошковци, Размови, Ѓорговци, Котевци и Атанасковци. Жителите ја откупиле земјата од 1912 до 1936 година.

Ова село има шест цркви, а мештаните се особено горди на тоа.

Четири од црквите се наоѓа западно од селото на место каде некогаш се наоѓало старото село. Изградени се во 1936 година. Тоа се црквите “Св. Ана“,

“Св. Атанас“,  “Св. Илија“, и црквата “Св. Петка“.

Црква “Рождество на Пресвета Богородица“ е  главната селска црква.

Според достапните информации храмот посветен на “Св. Ѓорѓи“ е најстарата црква во село Олевени. Поставена на еден рид, оваа црква доминира над поголемиот дел од селото. Се претпоставува дека е изградена во почетокот на 19 век.

Во однос на архитектура црквата претставува еднокорабна градба со седум страна апсида на исток и затворени тремови прилепени крај јужната и западната фасада. Главниот влез во црквата е поставен во средината на јужниот дел.

Во југоисточниот дел на црквата се извишува камбанаријата. Таа во долниот дел има четвртаста форма за да во горниот, преку осумстраниот тамбур завршува со купола.

Ѕидовите од внатрешноста на црквата се насликани во целост. Зографот не оставил запис со кој би не информирал за неговото авторство, но според стилските особености може да се претпостави дека се работи за Јосиф Радев од Лазарополе, кој кон последните децении на 19 век бил доста активен на ова подрачје.

На иконостасот се поставени два реда на икони од различни временски периоди и автори. Постарите датираат според записот од 1839 година. На овој период му припаѓаат повеќето од престолните икони. Царските двери и допојасните претстави на апостолите во горниот ред на икони, според своите карактеристики припаѓаат на друга зографска работилница. Според годината испишана врз дверите, оваа групација е насликана во 1857 година.

Св. Ана е  археолошко наоѓалиште во битолското село Олевени. Претставува осамен наод од хеленистичко време. Се наоѓа во порталот на црквата “Св. Ана“, која е на 1 км западно од селото, во која има вградена како сполија плоча со старогрчки натпис од 13 реда, датиран во IV век пред н.е.

 

Подготвил: Анета Блажевска

Фотографија: Ивона Кочов

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close