Се зголемува бројот на пчелари и пчелни семејства
Николовски порача дека секој во рамки на своите ингеренции и надлежности треба да влијае за уште повисоко развивање на свеста за значењето на пчелите.
Се зголемува бројот на пчелари во земјава, но и на регистрирани одгледувалишта. Во 2012 година биле околу 2 000, а денес се 7 000 со 300 000 пчелни семејства, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски по повод Светскиот ден на пчелите што беше одбележан во Едукативниот центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево.
Николовски порача дека секој во рамки на своите ингеренции и надлежности треба да влијае за уште повисоко развивање на свеста за значењето на пчелите.
Според министерот, поддршката на пчеларството продолжува.
-Без пчелите нема живот, нема ни природа, нема ништо. Драго ми e што заедно со градоначалниците од регионот и сите останати гости заеднички праќаме порака колку е важно одбележувањето на овој ден. Она што можеме да го видиме низ бројки е дека расте бројот на пчеларите. Ако во 2012 година сме имале околу две илјади апликации за субвенции или регистрирани преку Агенцијата за храна и ветеринарство, денеска тој број е околу седум илјади одгледувалишта со околу 300 илјади пчелни семејства. Значајно е за нас да ги следиме овие трендови и да даваме се поголема поддршка, рече Николовски.
На настанот присуствуваа и словенечкиот амбасадор Милан Предан, како и градоначалникот Александар Китански.
-Пчеларството е една од оние области која ги поврзува нашите две држави. И едните и другите сме медена земја во која пчеларството е развиено. И кај нас како и кај вас во Северна Македонија бројот на пчелари константно расте. Мислам дека овој Светски ден на пчелите не е само промоција на пчеларството, на медот и на здравата исхрана, туку и на на нашиот однос кон природата, рече Предан.
За градоначалникот Александар Китански одбележувањето на овој настан е од огромно значење, зашто пчелата е најбитниот опрашувач меѓу инсектите и дава огромен придонес во сложените меѓусебно поврзани еко-системи кои овозможуваат соживот на разновидни врсти.
-Знаејќи го значењето на пчелите, ние како локална самоуправа, секогаш ќе се трудиме да го дадеме нашиот максимум во поддршката на вистинските вредности, да им дадеме значителна помош на пчеларските здруженија и огледувачите на пчели и секогаш ќе ги поддржуваме настаните од ваков карактер. Се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиционален и ќе имаме можност нашата соработка да ја продлабочиме и во иднина, рече Китански.
На настанот се обратија и претставници од Програмата за зачувување на природата и здружението Меден Исток кои посочија дека во насока на зачувување на природата реализирани се повеќе активности од огромна бенефит за пчеларите.
Во рамки на настанот министерот Николовски и амбасадорот Предан засадија медоносни дрвца во дворот на Едукативниот центар, а беа доделени и наградите од Ликовниот и литературниор конкурс по повод Светскиот ден на пчелите. вс/мч/
Пехчево, 20 мај 2022 (МИА)