fbpx
Вести

Две третини од тутунот откупени, цената 193 денари

Откупот годинава го вршат девет откупувачи. Родот е со одличен квалитет и достигна рекордна цена. Лани просечната цена беше 184 денари, а во 2014-та 120 денари. Просечната откупна цена годинава достигна речиси 193 денари, досега се откупени две третини од годинешната реколта, а исплатени се 95 отсто од откупените количини

dve tretini od tutunot otkupeni cenata 193 denari

Откупот на тутунот, и покрај снегот и лошите временски услови, се одвива според планираната динамика. По просечна цена од 193 денари за килограм, досега се откупени околу 14.000 тони тутун или две третини од ланската реколта која тежи 20.000 тони, а од откупените количини се исплатени 95 отсто.

Како што изјави претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, родот е квалитетен, а од откупната кампања се задоволни и тутунарите и откупувачите. Ако температурите не бидат многу ниски и дозволат домашна манипулација, тутунот ќе се откупи во февруари, иако крајниот рок е 15 март.

– Нема оспорувања на процената, задоволни се и двете страни. Од околу 20.000 тони тутун останува да се откупат уште 3.500 до 4.000, главно во Пелагонискиот регион. Откупот привршува и во источна Македонија каде треба да се преземат уште 200 тони, рече Милески.
Тутунарите нудат квалитетен род кој реално се цени и затоа нема никакви недоразбирања со откупните претпријатија, истакна Милески, додавајќи дека пунктовите ќе бидат отворени до крајниот рок за откуп, 15 март.

Во Битолско откупот на тутунот е речиси при крај, а цената варира зависно од квалитетот и просечно се движи од 180 до 190 денари по килограм.

Според Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до денеска се откупени над 80 отсто од количините и се очекува до крајот на неделата откупот на тутунот целосно да заврши.

Во Пелагонија беа засадени 1.800 хектари тутун, а се откупени 1.700 од максимално очекуваните 2.500 тони. Процесот на примопредавање и откуп го следи посебна петчлена комисија, го набљудува проценувањето на квалитетот и одредувањето на цената. До денеска не е регистрирана нити една забелешка од страна на тутунопроизводителите за откупниот процес, велат од Подрачната единица.
Откупот годинава го вршат 9 откупувачи. Родот е со одличен квалитет и достигна рекордна цена.

Лани просечната цена беше 184 денари, а во 2014-та 120 денари.

Целокупното производство на тутун што требаше да го откупи “Струмица табак#, која не успеа да обезбеди финансиски средства за откуп, ќе биде преземено од останатите откупувачи. Проблемот, како што велат од Министерство за земјоделство е што “Струмица табак# има потпишано договори за откуп на тутунот басмак, а компаниите кои треба да го откупат, не го користат овој тутун.

Од ресорното министерство потсетуваат дека цената е утврдена со закон и дека никој не смее да ги уценува тутунарите.

– Оние производители кои не се задоволни од проценката на тутунот, можат да повикаат надлежен инспектор и да побараат нова проценка пред второстепена комисија. Цените не се утврдуваат паушално, туку врз основа на предадени мостри и законска класификација, велат од МЗШВ.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close