Земјоделци без верба дека штетите од невремето ќе се надоместат, освен ако нема избори
Велија Мемишовски од прилепско Канатларци е еден од многуте земјоделци кај кои силното невреме и градот што деновиве зафатија делови од земјата, предизвикаа големи штети.
Иако се свесни дека не можат да ги спречат временските непогоди, дел од земјоделците кои беа погодени од обилните дождови велат дека немаат пари за инвестиции со кои би се заштитиле и би го намалиле ризикот од поголеми штети на земјоделските насади
Шеесет и двегодишниот Велија Мемишовски од прилепско Канатларци е еден од многуте земјоделци кај кои силното невреме и градот што деновиве зафатија делови од земјата, предизвикаа големи штети. Тој раскажува дека 30 проценти од посадените пиперки му се уништени, а скоро исто толку страдале и посевите со тутун и житните култури.
„Кај пиперката имам доста штета и затоа сум принуден повторно да ја пресадувам. Ми настрадаа и тутунот, но и пченицата и јачменот, кои беа веќе на созревање. Немам ништо осигурано, а и не знам да ви кажам колкава ќе ми биде штетата зошто тоа ќе зависи од тоа колкави ќе бидат откупните цени на културите“, вели Мемишовски.
„Во нашиот крај големи штети има кај културите кои се засадени на отворено, односно без пластеници. Тука спаѓа лозјето, овошките и индустриската пиперка. Има штети и на дел од пластениците, каде што од силниот ветер е скинато полиетиленското платно, а со тоа се уништени културите внатре под најлоните“, изјави Ристо Велков од Синдикатот на индивидуални земјоделци во Струмичкиот регион.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека комисиите веќе почнале да ги прават проценките за тоа колкава е штетата по земјоделските површини по силното невреме. Тој верува дека во Владата многу брзо ќе го добијат извештајот од општините, и доддава дека со ребалансот на буџетот, во ставката за државни резерви кај Министерството за финансии се предвидени дополнителни 60 милиони денари. Повеќе на .https://www.slobodnaevropa.mk/