fbpx
Вести

Прилепските земјоделци заинтересирани за ИПАРД 2 програмата

Tрите мерки од ИПАРД 2 Програмата што ќе бидат објавени на првиот повик, беа презентирани днеска пред земјоделците од Прилепско. За овој оглас на располагање се околу 60 милиони евра.

Како што истакнаа претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на информативниот настан во Општина Прилеп, ИПАРД 2 во споредба со ИПАРД 1 има одредени измени, особено во делот на растителното производство и можноста за инвестиции.
Според раководителот на Подрачната единица на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството Горан Томески, искористеноста на средствата од ИПАРД 2, за програмскиот период 2014 – 2020, се очекува да биде многу поголема.
– Се надеваме дека во оваа програма, ИПАРД 2, ќе имаме многу повеќе барања од земјоделците со оглед дека досега беа лимитирани поледелските култури, а сега се внесени и живинарските фарми. Опфатени се поголем број земјоделски култури со кои може да се конкурира, особено за регионот на Прилеп, Кривогаштани и Долнени, каде житата се застапени на големи површини. Минималниот праг за ова е 10 декари, а речиси секое земјоделско семејство во регионот го исполнува условот. И сточарите се земени предвид, како и градинарските култури, изјави Томески.
Согласно Програмата, 20 отсто од парите може да бидат наменети за трактори. – Ова е добра новина особено зашто токму за овој тип механизација земјоделците доставуваат и најголем број барања, оцени Томески.
Од Центарот за развој на Пелагонискиот плански реион се задоволни што ИПАРД 2 предизвикува голем интерес кај земјоделците.
– Се надевам дека земјоделците ги добија сите потребни информации како да аплицираат. Доколку им се потребни дополнителни, им стоиме на располагање, рече раководителот на Одделението за поддршка на бизнис секторот во Центарот за развој на пелагонискиот плански регион Владимир Величкоски.
Игор Гулабоски од фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Бим Фуд“ од Прилеп вели дека досега користеле ИПАРД средства и повторно ќе аплицираат. – Двапати користиме средства од ИПАРД 1 и сега пак ќе конкурираме. Во нашиот случај стануваше збор за набавка на нова опрема. Процедурата за добивање пари не е толку едноставна, има правила, но доколку се придржуваш до нив, ништо не е сложено. Нашите машини беа од други држави, бидејќи не се произведуваат кај нас. Потребната документација требаше да се среди, да се преведи, но доколку имаше проблем, од Агенцијата не известуваа со рок за корекција, истакна Гулабоски, додавајќи дека се се решава ако се следи програмата.
Средствата од ИПАРД 2 за кои „Бим Фуд“ ќе аплицира, исто така ќе бидат искористени за набавка на машини и осовременување на производството.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески. – Средствата од ИПАРД Програмата многу ќе помогнат за развој на земјоделството. Преполната сала во Општина Прилеп покажува колкав е интересот на земјоделците за овие европски фондови. Се надевам дека овој информативен состанок ќе обезбеди уште поголем интерес и што е можно повеќе апликации и користење на овие средства, а со тоа и поголеми приноси и развој на земјоделството, рече Ристески.
Во Пелагонискиот регион се планирани три информативни ИПАРД средби. По Прилеп, следните се закажани во Могила и Битола.
Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close