Во Собранието втор ден расправа за ребалансот на Буџетот
Со ребалансот се дава поддршка за повисоки пензии и плати, за субвенции за поддржување на земјоделците и за низа антикризни мерки
Собранието денеска напладне треба да ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот.
Ребалансот на Буџетот вчера се најде на пленарна седница откако заврши општата и амандманската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
На првиот ден од расправата, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека со ребалансот се дава поддршка за повисоки пензии и плати, за субвенции за поддржување на земјоделците и за низа антикризни мерки. Со вградените амандмани се обезбедуваат и дополнителни 25 милиони денари за проекти за здравството, животната средина и инфраструктурата.
За власта, предложениот ребаланс на Буџетот е наменет за заздравување на економијата од пандемијата и од економската и енергетската криза. Со него се обезбедуваат нови 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите. Опозицијата, пак, обвини дека буџетскиот дефицит се зголемува и дека земјата се движи кон рецесија и сиромаштија. Од опозицијата забележаа и дека не се прифатени суштински амандмани со кои ќе подобрува животниот стандард на граѓаните.
Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или се околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од пет проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции. https://www.biznisvesti.mk/vo-sobranieto-vtor-den-rasprava-za-rebalansot-na-budhetot/