Вкупно 210 милиони евра нови инвестиции преку ИПАРД програмата
МЗШВ: Нови 97 милиони евра неповратна помош, над 60% поголема ЕУ поддршка
97 милиони евра неповратни средства издвојува Европската Унија преку ИПАРД 3 програмата. Тоа претставува зголемување за 62% споредено со ИПАРД 2 кога земјава доби на располагање 60 милиони евра. Ова е своевидно признание за Република Северна Македонија и земјоделските политики кои ги води Владата, особено земајќи ја предвид статистиката која бележи огромна, односно 97% искористеност на средствата од ИПАРД програмата со што стануваме земја-лидер во целиот регион.
„Вкупниот инвестициски циклус во македонското земјоделство само со ИПАРД 3 програмата изнесува високи 210 милиони евра. Покрај овие 97 милиони евра неповратни средства од ЕУ, тука влегува и кофинансирањето од страна на МЗШВ во висина од дополнителни 31 милион евра, како и 82 милиони евра инвестициски средства од страна на домашните корисници на оваа програма“, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Поддршката која како земја ја добиваме од Европската Унија (ЕУ) е значајна за развојот на македонското земјоделство, а успешната реализација на европските земјоделски програми уште еднаш ја потврдува посветеноста и решителноста на МЗШВ и Владата во процесот на интеграција и полноправното членство во Унијата.
Набавка на нова опрема, изградба или проширување на производствените капацитети, поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат во рамки на ИПАРД програмата. Покрај развојот и модернизирањето на македонското земјоделство, поддршката која се добива од ИПАРД влијае во подобрувањето на економијата на државата и намалување на невработеноста преку отворање на нови работни места.