Млечните производи станаа изгор скапи: Кравјиот кашкавал стигна до 500 денари, а цените уште ќе растат!
Цените на кравјото сирење се движат од 320 до 360 денари за килограм, на мешаното – кравјо со овчо, цените се околу 400 денари, а цените на кравјиот кашкавал од домашните производители е од 380 до 500 денари.
Низ маркетите повторно се ставаат нови цени, а најголемо изненадување приредија млечните производи. Цените на кравјото сирење се движат од 320 до 360 денари за килограм, на мешаното – кравјо со овчо, цените се околу 400 денари, а цените на кравјиот кашкавал од домашните производители е од 380 до 500 денари. Овие цени лани беа за 30 отсто пониски.Низ продавниците затекнавме збунети купувачи, кои главно гледаа да го купат најевтиниот млечен производ, а рафтовите на кои пишуваше дека има попуст беа речиси испразнети.
Она што уште повеќе загрижува е што производителите на млечни производи не гледаат стивнување на трендот на растот на цените.
Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, вели дека сегашните цени се исклучиво резултат на растот на влезните трошоци и дека не верува дека која било компанија од млечната индустрија ќе има раст на добивката, пишува Слободен печат https://www.slobodenpecat.mk/mlechnite-proizvodi-stanaa-izgor-skapi-kravjiot-kashkaval-stigna-do-500-denari-a-cenite-ushte-kje-rastat/.
– Сега со цените си ја бркаме сенката. Сите колеги со кои сум разговарал имаат растечки трошоци – зголемени се сите влезни трошоци од цените на суровото млеко што го откупуваме до енергенсите. За жал, очекувам и понатамошен раст на цените. Не би можел да лицитирам со проценти, затоа што тоа никој не го може, но јасно е дека ќе има понатамошен раст на цената на електричната енергија. Се надеваме, но потенцирам „се надеваме“, дека ќе се смири цената на сточната храна по договорот меѓу Русија и Украина за извоз на жито. Со тоа би требало да се стабилизираат цените на берзите, а тоа би требало да влијае и врз цената на сточната храна во регионот, од каде што ја купуваме ние – изјави за „Слободен печат“ Петрушев.