fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ако државата не ни помогне, можно е населението да остане без леб, велат мелничарите

По лавината реакции во јавноста околу поскапувањето на лебот, мелничарите велат дека и сегашната цена не е доволно висока доколку се земат предвид сите зголемени трошоци.

Ако Владата не им помогне, предупредуваат дека е можно да дојде до целосно колабирање на дејноста и населението да остане без леб.

Како што истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, пекарниците се соочуваат со загуби и со недостиг на средства да ги обноват залихите навреме, а ќе бидат приморани да вршат и уште поголеми набавки од странство, по повисоки цени, зашто жетвата на домашната пченица потфрлила и во квантитет и во квалитет.

Малишиќ апелира до вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, Владата да се потруди да ја изрегулира цената на електричната енергија за индустријата како што прават другите држави – со фиксирана цена или како во Србија – со загарантирана цена за индустријата со 72 евра за мегават час, како и да овозможат регулирани и евтини цени за гасот и другите енергенси.

Мелничарите имаат и уште еден предлог за кој засега, велат, немаат согласност од Владата – земјоделците да добијат плус два денара по килограм за предадено и платено производство на пченица во лиценциран откупувач-преработувач за жетвата 2022. Целта на ваквата мерка, објаснува Малишиќ, е поттик за земјоделците да посеат повеќе лебно жито во октомври и ноември, со поквалитетен семенски материјал и подобри ѓубрива, за следната жетва во 2023 година да биде со подобар и поквалитетен принос.

-Се додека како една од најважните индустрии за прехрана на населението сме оставени сами да се бориме со цените на електричната енергија и енергенсите, без помош од Владата, ние ќе одиме во загуби и ќе се соочиме со престанок на дејноста и што е најстрашно, ќе го оставиме населението без леб, потенцира Малишиќ.

Според него, поскапувањето на лебот и белите печива е неминовно во ситуација кога континуирано се зголемува цената на електричната енергија и природниот гас.

-Во август во однос на јули цената на гасот порасна 100 отсто, а на струјата го достигнува дневниот пик и до 500 евра за мегават час плус 10 отсто на отворениот пазар. Многу мали и микро пекарници кои беа на регулираниот пазар како домаќинствата, од јули годинава влегоа во блок тарифата од четврта група со највисоки цени со што им се зголемија сметките за струја за над 200 отсто. На сите овие поскапувања на енергенсите и електирчната енергија, цената на лебот е зголемена за околу 10 проценти од претходната цена во малопродажните објекти, истакнува Малишиќ.

Тој потсетува дека зголемувањата на цените почнаа од октомври лани поради наглото поскапување на пченицата, брашното, електричната енергија, нафтата и гасот.

-Пред оваа светска криза цената на пченицата се зголеми за 100 проценти, како и на брашното, на електричната енергија за 1 000 отсто, на нафтата за 90 проценти, а на гасот за 300 отсто. Ако лани пред октомври обичниот бел леб, сечен и несечен, се продаваше од 24 до 28 денари, денес, по сите овие зголемувања, истиот тој леб се продава за 45 до 55 денари или цената е зголемена за околу 100 отсто зависно од секоја компанија поединечно. Но, и оваа цена не е соодветна ако се земат предвид сите зголемени трошоци кои претходно ги наведов поради што пекарниците се соочуваат со загуби и најважно, со недостиг на средства да ги обноват своите залихи навреме за да продолжат со производството со исто темпо, подвлекува претседателот на Групацијата.https://nezavisen.mk/ako-drzhavata-ne-ni-pomogne-mozhno-e-naselenieto-da-ostane-bez-leb-velat-melnicharite/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close