Велков: Ефектот од субвенциите во земјоделството е нула
Претседателот на Сојузот на синдикати на земјоделски производители- Ристо Велков, во интервју за „Локално“, реагира дека отсуствуваат мерки кои ќе го стимулираат земјоделецот да го зголеми своето производство.
Земјоделците алармираат дека во услови кога речиси и нема гранка во стопанството која не доби одредена мерка на помош, аграрот остана целосно на страна.
Претседателот на Сојузот на синдикати на земјоделски производители- Ристо Велков, во интервју за „Локално“, реагира дека отсуствуваат мерки кои ќе го стимулираат земјоделецот да го зголеми своето производство.
Категоричен е дека излезот не треба да се бара во субвенциите давајќи пример дека само минатата година „тежеле“ 303 милиони евра а не го дале очекуваниот ефект.
„Нема ниту еден декар зголемена земјоделска површина во растителното производство, а да не зборуваме за хектар. Нема ниту килограм, а не тони зголемено растително производство, нема ниту една глава зголемување во сточниот фонд. Не знам како се распределуваат тие средства од субвенциите кога ефектот е нула“, вели Велков.
Според него, мерките треба да бидат развојни и да предвидат надокнадување на штетите, како во случајот со струмичкиот бостан кој сега е оставен да скапува по нивите.
„Сведоци сме дека бостанот се продава за 1,5-2 денари и е останат на нивите. Цели хектари земја во источниот регион од државата , огромни површини со производи се оставени да скапуваат.Жално!“, реагира Велков.
Како огромна дилема го поставува и прашањето за нестабилноста на цената на градинарските производи која во еден период е добра, за само по по неколку дена значително да падне.
Во ситуација кога речиси и да нема стопанска гранка која не побара и доби одреден вид поддршка од Владата, дали некоја од антикризните мерки е предвидена и за земјоделието? Се чини дека ова прашање се повеќе се наметнува како приоритетно ако се земе предвид минималниот ефект од актуелниот принцип на распределба на субвенциите.
-Повеќе од јасно е дека нашиот земјоделец се соочува со повеќе проблеми, пред се кризата во Украина а голем проблем е немањето соодветна стратегија за развој на овој сектор. Затоа нема зошто да се чудиме што од година во година имаме се помал број на земјоделски површини засадени со земјоделски култури и се помалку производ по единица површина. Зачудува и фактот што за речиси сите гранки од стопанството се предвидени некакви мерки,но не и за земјоделието. Нема мерки со кои ќе се стимулира земјоделецот, на пример да го зголеми своето производство. За волја на вистината во јавноста само се говори за субвенции, субвенции, субвенции. Јас да сум на местото на надлежните институции, воопшто не би зборувал за субвенции бидејќи за стимулирање на производството, според некои информации лани се распределени околу 303 мил евра. Јас доаѓам од аграрот и можам да кажам дека нема ниту еден декар зголемена земјоделска површина во растителното производство а да не зборуваме за хектар. Нема ниту килограм а не тони зголемено растително производство, нема ниту една глава зголемување во сточниот фонд. Не знам како се распределуваат тие средства од субвенциите кога ефектот е нула.
Во иднина кога ќе се прави план за стимулирање, мора да се води грижа како да се стимулира земјоделецот.Во секторот има луѓе кои знаат како да се помогне.Доколку тоа не се искористи, не е за изненадување ако догодина растителното производство дополнително се намали, како и засадените површини а да не зборуваме за сточниот фонд.
За да некоја мерка биде соодветна за некоја стопанска гранка треба таа да биде развојна, да не се намалува производството а кај нас тоа е реалност. Намалувањето на производството и сточниот фонд е показател дека мерките што се применуваат се несоодветни. Секоја мерка што е правилно применета ќе даде позитивен резултат, а ние такво искуство немаме во земјоделието.
Војната во Украина и енергетската криза се меѓу “последните капки’’ во инаку преполната чаша на проблеми со кои земјоделците со години се соочуваат, па оттука и прашањето кој е најголемиот предизвик за овој сектор во новонастанатите околности?
-Земјоделецот во последниве години се соочува со климатските проблеми, а сега со обезбедување репроматеријали бидејќи цените се зголемени за 200-300 %.Сведоци сме на пример дека бостанот се продава за 1,5-2 денари и останат е на нивите. Прошетајте по струмичкиот регион и ќе видите цели плантажи со оставени производи на нивите. Со мерките барем треба да се надокнадат штетите, да се дојде до висината на трошоците за производот. Јас би ги зголемил субвенциите по засадена површина со што секој земјоделец кој побарал субвенција за бостонот на пример, ќе може да го почне производството догодина. Порано се садеше бостан на површини од над 10 хектари, сега на прсти се бројат тие што садат на 3-4 хектари. Како тој ќе го почне циклусот на производство следната година?
Самиот податок дека огромни количини бостан е оставен да скапува по нивите, како што велите, е секако причина за загриженост, но дали има други земјоделски култури чиј пласман е сега под знак прашање?
-Цели хектари во источниот регион,огромни површини со производи се оставени да скапуваат.Жално! Во еден период цената на градинарските производи е добра , но изненадува што за еден ден таа значително паѓа. Не знам која е причината? Се прави ли увоз, не знам.Треба да се води грижа што со оние производи што се наменети за индустријата, како на пример со пиперот. Нема никакви средби со откупувачите,преработувачите и претставните на министерството за земјоделие, колку количини им требаат по која цена би се откупувала пиперката..? Се е стихијно..Ги сваќам дека имаат зголемени трошоци но сите имаме енормни трошоци.
Како земјоделците се носат со инфлаторниот бран и дали оваа дејност овозможува достоинствено живеење?
-Над 50%од земјоделците се пензионери.Недостатокот со парите од пензиите, се надополнува со земјоделството, да се протурка месецот, да се купи леб, да се платат сметките. Изумира надежта дека догодина нешто ќе се подобри.Се живее од ден за ден, особено ако цената на вашиот производ е ниска.Најголем дел од површините па и во Пелагонија се засадени со индустриска пиперка.Имам информации дека градинарите се соочуваат со низа болести на пиперката, што значи пред бербата имаат редица проблеми, а потоа ги чека и проблемот како да го пласираат производот.Навистина не знам како понатаму.