fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Дел од тиквешките лозари уште не ги добиле парите од родот предаден лани, а време е за годинешната берба на грозјето

Лозарите повторно го актуализираат големиот проблем за нив, немање на аргати за берење грозјето, што го решават ден за ден.

На дел од лозарите во Тиквешијата, уште не им е платен ланскиот предаден род на грозјето. Неколку винарници ги должат парите кон лозарите, иако е на прагот бербата за годинешната реколта.  Заради остарување на нивните права, лозаите започнале судски постапки, па имаат дополнителни трошоци.

„Грозјето го предадов во ‘Сковин’, имам побарување од 10 илјади евра. Не ми е платено па започнав судска постапка, тужбите од март не се реализирани. Годинава имам род на 250 тони вранец, нема каде да го складирам, не сакам да го дадам, цената е ниска. Принуден сум да го предадам, оти морам да си ги вратам вложените средства. Зголемени се цените на вештачкото ѓубре, на препаратите, работна рака нема. Прашање е како ќе ја преживееме сезоната, дали ќе спечалиме – тешко“, вели Стефан Стојчев од Кавадарци кој има 30 хектари лозје но и 30 хектари жито.

Лозарите повторно го актуализираат големиот проблем за нив, немање на аргати за берење грозјето, што го решават ден за ден.

„Уште денар немам добиено од ланското грозје, го предадов на ‘Сковин’. Пуштивме тужби и од нив ништо, нема резултат. Затоа во Тиквешијата масовно се искоренува виновата лоза. Трошоците за работа се зголемени многукратно, но не и откупната цена на грозјето, таа многу ниска“, кажа Диме Соколов, кој има три хектари со лозје.

Годинава лозарите од Тиквешијата проценуваат дека се очекува род на 80 милиони кила грозје. Стравуваат дали се ќе се обере, по искуството од лани кога не е платено на сите предаденото грозје.

„Грозјето го предадов во ‘Афродита’ Штип. Ми ветија грозјето ќе го платат на три рати. Платија три рати по 15 илјади, ама ни половината не е исплатено. И што сега, да тужам, кого?“, рече Ванчо Дамјанов, лозар од Кавадарци.

Лозарите реагираат на понудената откупна цена. Таа според откупувачите е за 2 до 3 денари повисока од лани, на смедеревката е 12,5 додека на вранецот е 16 денари за килограм. Лозарите се жалат дека оваа цена е ниска и условена со висока шеќерност.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/del-od-tikveshkite-lozari-ushte-ne-gi-dobile-parite-od-rodot-predaden-lani-a-vreme-e-za-godineshnata-berba-na-grozjeto/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close