Кризна состојба во енергетиката ќе биде прогласена утре, од 1 септември стапуваат во сила мерките за штедење
Одлуката ќе важи од 1 септември, а според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период доколку се се одвива според планираното.
Кризна состојба во делот на енергетиката се очекува да биде прогласена утре. Одлуката ќе важи од 1 септември, а според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период доколку се се одвива според планираното. Од 1 септември стапуваат во сила и мерките за штедење на струја што ги донесе Владата, а кои ќе важат до 31 март следната година.
Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве на прес-конференција рече дека не очекува да има рестрикции ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија. Како што соопшти се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.
– Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите, рече Бектеши на заедничката прес-конференција со директорот на ЕСМ на која беа објавени мерките за штедење на електрична енергија.
Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата работи со максимален капацитет и потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство.
Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола.
– Блок 3 во РЕК Битола е во застој заради изгорен трансформатор од надворешно влијание во текот на декември минатата година и јануари годинава. Во моментов постојниот трансформатор се наоѓа на сервисирање во Белград, а истовремено извршена е и јавна набавка за купување на нов трансформатор што не е направено 40 години од пуштањето во работа на РЕК Битола. Очекуваме на крајот на септември или на почетокот на октомври еден од трансформаторите да пристигне и на крајот на октомври да бидеме во полна капацитетност со РЕК Битола за да може еден од блоковите да влезе во краток ремонт, рече Ковачевски на неодамнешната прес-конференција во Владата.
Во функција ќе биде ставен и РЕК Осломеј кој се очекува да работи со полн капацитет во текот на грејната сезона.
– Токму затоа се вршат и дополнителни набавки на јаглен и за РЕК Осломеј за да може и овој важен капацитет за сигурноста и стабилноста на енергетскиот систем да работи во полна кондиција и со полно производство во текот на грејната сезона, рече Ковачевски.
Во следните денови се очекува Владата да ги објави и јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ и беа одземени лиценците за работа.https://nezavisen.mk/krizna-sostojba-vo-energetikata-kje-bide-proglasena-utre-od-1-septemvri-stapuvaat-vo-sila-merkite-za-shtedenje/