fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Во Хрватска кило кашкавал 50 евра, кај нас 750 денари

Сточарите велат дека трендот на раст на млечните производи нема да запре, бидејќи сточниот фонд се намалува, трошоците се зголемуваат, а откупната цена на млекото е многу пониска од малопродажната.

Се намалува бројот на крави, овци, кози во државата, млеко има сè помалку, а цената на млечните производи уште ќе расте. Во Хрватска килограм кашкавал се продава по 50 евра, а кај нас стигна до 750 денари. И на другите млечни производи цените излегоа од колосек, така овчото сирење се продава од 400 до 600 денари, кравјото од 350 до 450 денари, урдата над 200 денари, а цената на млекото и јогуртот,л која постојано се менува во зависност од производителот и од масленост, достигнува и над 70 денари за килограм.

Сточарите велат дека трендот на раст на млечните производи нема да запре, бидејќи сточниот фонд се намалува, трошоците се зголемуваат, а откупната цена на млекото е многу пониска од малопродажната. Поради тоа, во сточарството повеќе не се вложува, популацијата на фармери старее, а кај младите нема интерес да се занимаваат со оваа дејност.

-И кај нас наскоро ќе снема млеко, бидејќи крави, овци и кози има сè помалку, откупната цена на млекото е многу ниска, а трошоците постојано се зголемуваат. За една година имаме намалување на 100 илјади овци, за 5-6 години кравите се намалени за 110 илјади, а козите за една година од 85 се намалија на 60 илјади. Од друга страна, популацијата на фармери старее, а младите не сакаат да се занимаваат со оваа дејност. Цената на чинење на кравјото млеко е околу 39 денари, а се откупува од 22 до 25 денари за килограм, изјави за ВЕЧЕР, Моме Младеновски, производител на млеко и сирење и претседател на Здружението „Праменка Овчеполка„.

Поради лошата состојба во сточарството, млекарите постојано бараат млеко, а него, како што велат, го има сè помалку.

-Цените на млечните производи ќе одат уште нагоре, бидејќи се зголемуваат цените на енергенсите и на сточната храна. Македонското сточарство има високи производствени цени на млекото, бидејќи сточарите немаат сопствена земја за производство на сточна храна. Поради тоа купуваат неквалитетна и скапа храна која го намалува квалитетот и количеството на млекото, вели Младеновски.

Тој додава дека 30 илјади хектари останаа без стока, укинати се многу работни места, а поради намалување на бројот на овци годишно се губат околу 8 милиони евра.

– Стоката се преполови. Во Македонија, нема ниту 350 илјади овци, а слична е ситуацијата и со кравите. Бројките секојдневно опаѓаат, а државата нема решение за овој проблем. Сточарите немаат со што да ја прехранат стоката и ја продаваат или ја носат во кланици. Погубната политика на државата го уништи сточарството. Ситуацијата е загрижувачка, бидејќи во скоро време може да останеме без овци, крави и без млеко, вели за ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.

Дека сточниот фонд во државата се намалува, потврдуваат и од Националната федерација на фармери, од каде што велат дека во некои села, од 2.000 грла овци, сега нема ниту една.https://www.vecer.press/

– Цената на сточната храна од лани досега е за 100 отсто повисока, само сојата е качена за 300 отсто. Откупната цена на млекото треба да биде минимум 32-33 денари за литар со сопствена храна. Ако немаш сопствено производство на храна и 50 денари да е, ќе бидеш во загуба. Зимава, тие што немаа сопствена храна, освен тоа што мораа да ја платат многу скапо, не можеа да ја најдат, немаше луцерка, немаше соја… изјави за ВЕЧЕР, Стеванче Јорданоски, од Националната федерација на фармери.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close