fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Почна постапката за изработка на Законот за заштита на почвите

Во Македонија почвата останува единствен медиум од животната средина кој се уште не е правно уреден и кој се користи, пред се како ресурс, без притоа да има утврдени мерки кои треба да се преземат поради добро управување и заштита на почвите. 

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска ја отвори работилницата „Развој на регулатива за управувањето со почвите“, со која официјално почна постапката за изработка на Законот за заштита на почвите.

Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање, Нуредини соопшти дека ресорното министерство пристапи кон подготвување на посебен закон со кој ќе се уреди управувањето и заштита на почвата, идните политики и мерки што треба да ги преземат националните и локалните власти и со кој јасно ќе се дефинираат институционалните надлежности и финансирањето во однос на заштитата на почвата.

Тој процес е поддржан преку проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето, преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и обновување на најранливите планински предели“, кој е финансиран од страна на Глобалниот инструмент за животната средина (Global Environmental Facility – GEF) и спроведуван од страна на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (United Nation Environment Programme – UNEP), и во чии рамки се одржа и оваа работилница.

На работилницата беше презентиран Планот за вклучување на чинителите во изработката на Законот за заштита на почвите со што, како што се наведува, ќе се даде основа за транспарентно и јавно вклучување на сите заинтересирани страни во изработката на законот. Се дискутираше и за предизвиците околу управувањето со почвите и притисоците кои негативно влијаат врз квалитетот на почвите.

-Целта на работилницата беше да ги идентификува сите чинители кои имаат надлежности врз почвите и со своето дејствување влијаат врз квалитетот на почвите, како еден од медиумите на животната средина. Таа е прва од низата работилници и дебати кои ќе бидат организирани во рамките на проектот, кои ќе придонесат кон изработка на добра правна рамка за заштита на почвите низ транспарентен процес. Почвата ја обезбедува примарната основа за егзистенција и благосостојба на луѓето, вклучувајќи го снабдувањето со храна, слатка вода и повеќе други екосистемски услуги, како и ја обезбедува егзистенцијата на биодиверзитетот. Човечката употреба директно влијае на квалитетот на почвата на повеќе од 70 отсто од глобалната копнена површина, не вклучувајќи ја површината под мраз. Почвата, исто така игра важна улога во климатските промени и одржливото управување и значајно може да придонесе за намалување на негативните влијанија на повеќе стресни фактори, стои во соопштението.

Од МЖСПП информираат дека во Република Северна Македонија почвата останува единствен медиум од животната средина кој се уште не е правно уреден и кој се користи, пред се како ресурс, без притоа да има утврдени мерки кои треба да се преземат поради добро управување и заштита на почвите.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close