Преспа тежи со јаболка ама цените се никакви
Јаболката се квалитетни, но овоштарите пак се на мака
Оваа година Ресен и Преспа можат да се пофалат со богата реколта и квалитетен род на јаболката.
Според Љубе Пампулески од Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен, родот е добар, но цените треба да бидат повисоки затоа што енергенсите, пестицидите поскапеа, со што сега и проиводствената цена е повисока. Вели дека бербата на јаболка почна на 27 септември, а треба да заврши до крајот на овој месец, или во првите денови од месец ноември. Веќе се собрани 30 до 40 отсто од јаболката. Пампулески очекува дека во регионот ќе има околу или над 130.000 тони јаболка, од кои 80.000 тони ќе бидат прва класа, а другите помеѓу прва и втора класа. Додава дека и оваа година имаше невреме кое направи штети на површини од околу 700 хектари, но тоа јаболко кое е со послаб квалитет, и ќе заврши во индуструјата. Пампулески наведува дека ако лани производствената цена била 10 денари, сега иако нема конечни пресметки, таа е за 3 до 4 денари поскапа.
„Откупот тече, а цените се од 12 до 15 денари за килограм јаболко на големо. Сведоци сме дека има големи поскапувања, и тоа се одразува на производствената цена, така што мора да се обрне внимание во тој дел, ако сакаме да ги задржиме младите, и да имаме производство на храна, инаку ќе имаме европски цени. И за работниците дневниците се покачени, тие се движат од 1.500 денари со обезбедени оброци, до 2.000 денари, и тој трошок е зголемен за производителите на јаболка“, вели Пампулески.
Секоја година проблемите се повторуваат. Овоштарите ги загрижуваат цените на јаболкото и пласманот.
„Кој како работи, таков род ќе има, а јас конкретно имам одлични јаболка годинава, но разочарани сме од цената“, вели Крсте Таневски, овоштар.https://faktor.mk/