150 фирми од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар, за да паднат цените на храната
Оваа мерка би важела од 1 декември 2022 година, кажа министерот за економија Крешник Бектеши
Од 100 до 150 компании од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар. Ова е еден од начините и мерките за намалување на цените на основните прехранбени производи, а со тоа и инфлацијата. Оваа мерка би важела од 1 декември 2022 година, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
„Имајќи предвид дека треба да се справуваме и со инфлацијата во делот на храната, а одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во инпутот електрична енергија, за да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехтранбени производи“ рече министерот.
Министерот информираше дека досега државата од почетокот на годината потрошила 272 милиони евра за справување со енергетската криза, средства наменети за субвенционирање на цената на струјата, но и за поддршка на ликвидноста на ЕСМ.
“Доколку Владата не интервенираше во ликвидноста на ЕСМ, досега цената на електричната енергија ќе беше повисока за повеќе од петпати. Ние како Влада ги правиме сите напори цената на електричната енергија произведена од ЕСМ која е државна компанија да биде најниска во регионот“ рече министерот.