Се регулира поројот во Шипковица да не се повтори 2015
За овој зафат МЖСПП обезбеди финансиски средства во висина од 11 милиони денари
Интензивно се одвиваат градежните работи на регулација на поројот во тетовското село Шипковица. Станува збор за исклучително важен проект со кој се обезбедува заштита на населението кое се уште ја памети 2015 година кога водената буица од планината носеше се пред себе, предизвикувајќи големи материјани штети и одзеде човечки животи.
– Ова е исклучително сензибилен и скап процес за чија реализација успеавме да оствариме соработка помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање, локалната самоуправа, Швајцарската Влада која финансиски го поддржа проектот и УНДП како имплементациона единица. Сензибилноста на проектот произлегува и од фактот што се поставуваат технички решенија на локации каде веќе имаме изградени населби за живеење и од тука процесот бара силна соработка, трпение, разбирање и стратешки и плански пристап, бара широка информираност, и инклузивност, бара внимателно планирање и урбанизација на просторот, информираност за ризични зони на поплавување и континуирана вклученост и едукација на населението во текот на целиот процес – истакна министерот за животна средина, Насер Нуредини кој заедно со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, направија увид на градежните работи.
За овој зафат МЖСПП обезбеди финансиски средства во висина од 11 милиони денари или изразено во проценти околу 49%. Регулацијата на поројот е во должина од 3,6 километри со посебен осврт од 350 метри во централното селско подрачје и се спроведува од април до ноември годинава.
– Ние мора да сме свесни дека природните катастрофи не можат да се запрат, нивното влијание го чувствуваме сите, но можеме да ја намалиме нашата ранливост – потенцира Нуредини.