Нема откриено случај на добиток заболен од антракс во штипско
Стадата на сточарите во штипско засега безбедни. Нема регистрирано случај на заболен добиток од смртоносниот антракс. Опасноста да се појави се уште постои, бидејќи реонот на почетокот на годината го зафатија поплави, кои се идеална подлога за појава на болеста.
Станува збор за болест која се пренесува од животните на човекот, предизвикана е од бактерија која е екстремно отпорна и може да опстане во почвата и по неколку години.
Антраксот најчесто се открива по угинувањето на добитокот, а може да биде фатална и за човекот.
Антраксот се смета за професионално заболување. Најчесто заболуваат сточарите, кои се во непосреден контакт со животните што ги одгледуваат, месарите и работниците во производните капацитети – кланици, покажува праксата на ветеринарите, кои исто така се изложени на опасноста да заболат од болеста.
Антраксот се јавува кај говедата, овците и козите, а поретко кај живината. Иако според програмата е предвидено, вакцинација против антраксот не е спроведена подолго време. Надлежните очекуваат дека одговорните ќе преземат превентивни мерки, по откривањето на заболено животно од антракс во реонот на скопско. Појава на антракс во штипско е регистрирана пред 23 години во населбата Македонка и во селото Суво Грло.