fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Високи цени на минералните ѓубрива – причина за можен недостаток на храна или можност за имплементирање на одржливи земјоделски практики

Пишува Никола Петров – Координатор на Левица – Земјоделски сектор

Последниве две години, поточно од пролетта 2021 година па до сега, светот се соочува со големи турбуленции во производството и цените на храната, посебно изразено кај житните култури, а предизвикано од зголемените цени на гасот и производството на минералните ѓубрива.

Ваквата ситуација дополнително се влоши со почетокот на оваа година кога ЕУ и останатите земји наметнаа илегални санкции спрема Руската Федерација како најголем производител на ѓубрива, што доведе до драстичен недостаток и зголемени цени на минералните ѓубрива, кои најверојатно ќе останат високи и во текот на 2023 година.

Податоците објавени од Светска банка покажуваат дека цените на двете клучни ѓубрива драстично се зголемија меѓу април 2021 година и април 2022 година: цените на диамониум фосфатот се зголемија за 75 отсто, а цените на поташата (калиумот) се зголемија за неверојатни 178 отсто. Цената на уреата, исто така, го надмина претходниот забележан скок во 2008 година за приближно 18 проценти.

Што значи зголемувањето на цените на ѓубривата?

Соединетите Американски Држави се меѓу првите пет светски увозници на ѓубрива, увезувајќи околу 93 проценти од поташата што се користи таму и помали количини на азот (12 проценти) и фосфати (9 проценти). Во земјоделски систем кој во голема мера се потпира на влезните ѓубрива, ескалацијата на трошоците за производство значи дека земјоделците можеби ќе треба да приспособат колку ѓубриво применуваат (земјоделците обично великодушно го користат ѓубривото) или да одгледуваат алтернативни култури за кои е потребно помалку ѓубриво. Овогодинешните култури во голема мера се одгледуваа со ѓубриво купено пред војната, и затоа не беа до толку погодени од недостатокот. Бидејќи наметнатите санкции продолжуваат да ги ограничува глобалните резерви на ѓубрива, се очекува постојаните високи цени да имаат големо влијание врз одлуките на земјоделците за садење и да ја загрозат идната жетва.

Неодамнешните податоци од предвидувањата покажуваат дека со зголемувањето на цената на азотни ѓубрива трошоците за одгледување храна ќе се зголемат за приближно 18 проценти. Овие зголемени трошоци веројатно ќе ги намалат профитните маржи на земјоделците, кои и така се на праг на позитивна нула, а особено ќе бидат погодени малите индивидуални земјоделци кои се соочуваат со значителни предизвици во постоечкиот неправеден земјоделски систем кој несразмерно го фаворизира земјоделството од големи размери. Второ, повисоките трошоци ќе бидат префрлени на потрошувачите, дополнително зголемувајќи ги буџетите за храна кои и веќе беа зголемени од континуираната инфлација.

Бидејќи иднината на земјоделството со минералните ѓубрива е неизвесна, а со тоа се загрозува и производството на доволни количини на калорична и достапна храна за сите, неопходно е сега и веднаш да се размислува за нови и одржливи земјоделски практики кои ќе гарантираат високи приноси.

Сегашниот земјоделски модел на високи прихрани со минерални ѓубрива, иако носеше високи приноси, тој сепак долгорочно имаше негативни ефекти врз климата, почвата и подземните води. За сериозни научни анализи и воспоставување на пилот проекти во регенеративни земјоделски практики кои ќе ја намалуваат зависноста од минерални ѓубрива во иднина, но ќе обезбедуваат доволни количини на храна, досега не стануваше ни збор.

Со инвестиции во справување со климатските промени, постепено може да ја намалуваме зависноста од фосилните горива во нашите земјоделски системи и да усвоиме одржлив модел кој ќе биде од корист за животната средина и за сите оние кои зависат од неа.

Производството на храна е прашање и од безбедносно значење. Нејзиниот недостаток и високите цени, во иднина можат да донесат сериозни ризици по безбедносната состојба во државата. Сериозни влади не смеат да си го дозволат луксузот да чекаат и видат што ќе се случува со цените и достапноста на минералните ѓубрива во иднина, а со тоа и на храната, туку мора да работат на изнаоѓање на алтернативни решенија и воспоставување на одржливи земјоделски практики.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close