fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

ИНТЕРВЈУ со Никица Бачовски- Агенцијата покажа капацитет за спроведување на ИПАРД Програмата

Со сите огласи од сите мерки контрактиран е целиот буџет од 60 милиони евра европски средства, а склучени се вкупно 2340 договори. Голем дел од инвестициите се реализирани, а дел сè уште се во фаза на реализација, вкупно досега се поднесени 2095 барања за исплата, а исплатени се 1964 барања со вредност од 42,136,812.03 евра, односно 33,726,195.94 евра (ЕУ ДЕЛ).

Во очекување на повиците од ИПАРД 3 програмата, разговараме со Никица Бачовски, директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

 

Агротим: Во очекување на повици за ИПАРД 3, кажете ни до каде е постапката околу објавување на првиот повик?  

Бачовски: Агенцијата Заедно со целата ИПАРД структура прави максимални напори да добие акредитација од ЕК ДГ АГРИ за имплементацја на ИПАРД 3 Програмата. Ратификуван е Рамковниот договор за имплементација на ИПА 3 а во постапка е потпишување и понатаму ратификација на Секторскиот договор за имплементација на ИПАРД 3. Ова се две основни правни рамки пред да се почне со имплементација на Програмата. Платежната агенција и целокупната структира е спремна во однос на систем за спроведување на програмата со целокупната документација, а по нејзино одобрување/акредитација од Брисел, што се очекува да биде во првиот квартал на 2023, веќе во вториот квартал да се објави првиот повик од ИПАРД 3 Програмата. Ова се индикативни прогнози бидејќи многу фактори не зависат од Агенцијата.

Агротим: Дали ќе има позначајни измени на Мерките, да ги информираме потенцијалните апликанти на што да обрнат внимание? 

Бачовски: Позачајни измени воглавно нема, сепак би ги истакнал следните промени кои што треба да се земат во предвид:

  1. Зголемени се праговите на минималните вредности на инвестициите:
    -Мерка 1 од 3000 на 10.000 евра
    -Мерка 3 од 10.000 на 20.000
    -Мерка 7 од 1500 на 5000 евра
  2. Постои можност за авансно плаќање до 50% од прифатливата вредност на инвестицијата по потпишување на договорот со банкарска гаранција од 110%.
  3. Воведени нови сектори:

-Мерка 1 рибарство
-Мерка 3 преработка на риби и рибни производи, сточна храна и фуражни производи, други производи кои произлегуваат од продукти наведени во Анекс 1 од договорот за функционирање на Европската Унија.
-Мерка 7 преработка на алтернативни земјоделски производи (не поддржани од Мерка1 и Мерка3)
Во сите сектори се поддржува производство на енергија од обновливи извори на енергија за сопствени потреби, а во Мерка7 е дозволено и производство на енергија и за продажба.

4. Одобрение за градба потребно е да се достави при аплицирање, одобренијата за градба на градежно земјиште Агенцијата ќе ги превзема електронски додека на земјоделско земјиште потребно е да се достават во хартиена форма во апликацијата.

Агротим: Искуството со ИПАРД 2 покажа дека имаме подготвени апликанти, но и администрација. Дали сте задоволни од динамиката на одобрување, па и реализирање на инвестициите на апликантите?    

Бачовски: Слободно може да се заклучи дека Агенцијата покажа капацитет за спроведување на ИПАРД Програмата, со сите огласи од сите мерки контрактиран е целиот буџет од 60 милиони евра европски средства, а склучени се вкупно 2340 договори.  Голем дел од инвестициите се реализирани, а дел сè уште се во фаза на реализација, вкупно досега се поднесени 2095 барања за исплата, а исплатени се 1964 барања со вредност од 42,136,812.03 евра, односно 33,726,195.94 евра (ЕУ ДЕЛ).

Агротим: Кои беа „тесни грла“ во овој процес на имплементација на ИПАРД, а кои сега ги подобрувате?

Бачовски: Како тесно грло во спроведување на програмата во рамки на Агенцијата претставува истражувањето на пазарот за одредување на референтни цени на сите ставки предмет на инвестиција. Исто така, големиот број апликации по јавен повик наспроти расположливиот човечки капацитет е значителен проблем, кој претставува ризик-фактор во однос на ефикасноста и ефективноста на спроведување на програмата. Дополнително, покрај целиот обем на работа, Агенцијата е вклучена и во кампањи за публицитет на програмата, подготовка на внатрешни документи за работа, одговор на ревизорски наоди од внатрешна ревизија, ревизија од Министерството за финансии, Ревизорското тело за ИПАРД формирано од ДЗР и ревизија од ЕК.
Исто така, агенцијата прави постојани напори за симплифицирање на процедурата за аплицирање, како и за исплата на средствата. Се трудиме бројот на документи што треба да ги обезбедат апликантите да биде што е можно помал, а наспроти тоа Агенцијата да ги обезбеди по службена линија од институциите.
Во оваа насока, моментално се имплементира проект поддржан од делегацијата на ЕУ за електронско аплицирање, како и за електронска обработка на апликациите во Агенцијата. Се надеваме овој проект да се реализира во 2023 година.

Агротим: Постои голем интерес уште сега, особено за Мерка 7 – Рурален туризам. Некои посебности во врска со оваа мерка?

Бачовски: Оваа мерка е особено интересна и при секој јавен повик сè поголем е бројот на пристигнати апликации за инвестиции во рурален туризам. Би истакнал дека може да бидат апликанти и физички и правни лица, а соодветно на типот на барателот може да се изградат или реконструираат објекти за сместувачки капацитети и/или кетеринг. За физички лица максималниот капацитет за сместување е 10 соби со максимален капацитет за 20 лица (не вклучувајќи деца), додека за правни лица 20 соби со капацитет за 30 лица (не вклучувајќи деца).
Максималниот капацитет за кетеринг/ресторани е 150 гости.
Овие објекти може да вклучуваат во рамки на инвестицијата и набавка на опрема за производство на енергија од обновливи извори (пр. Соларни панели) со што би биле енергетски ефикасни и економски поисплатливи.

Извор:https://www.brif.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close