fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

По 4 кг јаболка за секој ученик од проектот „Здрава ужинка за секој ученик“

За реализација на Програмата се проектирани 20 милиони денари,(околу 323.000 евра) средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот

Учениците од основните училишта во Општина Центар се први од вкупниот број ученици кои денеска ќе ги добијат јаболката во рамки на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“, што го спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од училиштето „Ј.Х.Песталоци„ до сите ученици е стигната информацијата дека јаболката се веќе пристигнати и дека денеска ќе бидат распределени, единствено што треба да направат е да си донесат платнени торби.

-На 1 декември во училиштето ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ беа дистрибуирани првите пакети јаболка за учениците, од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, активност што се спроведува во рамки на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје. За секој ученик се предвидени по четири килограми јаболка од реколтата 2022 година, домашно производство. Нашето училиште ја поздравува оваа акција, пред сѐ затоа што ги поттикнува здравите навики на учениците да консумираат свежо овошје, со што се зајакнува нивниот имунитет и се подобрува физичката и менталната енергија, изјави за Фактор директорката на „Јохан Хајнрих Песталоци“, Катерина Атанасова.

И родителите имаат позитивни коментари во однос на овој проект, нагласувајќи дека овошјето и зеленчукот се исклучително важни за правилен раст и развој на нивните деца.

-За жал нашето население се храни многу нездраво, посебно младите, освен што многу малку спортуваат, исхраната им се состои во онаа брза храна, хамбургери, тостови, газирани пијалоци, се што нема никаква нутритивна вредност, и што е посебно штетна за младиот организам. Оваа активност е начин да се создадат здрави навики уште од најмала возраст и практично да им се „всади“ на децата дека овошјето мора да биде неизоставен дел од нивната исхрана, вели родителка на ученик од трето одделение.

Инаку, за реализација на Програмата се проектирани 20 милиони денари,(околу 323.000 евра) средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот. Повеќе на https://faktor.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close