fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Овчарството е изложено на ризик исто колку и рударството-Филота Ѓеоргиев од потпелистерското село Трново

Јагнињата на Пелистер не стивнуваат, најбараното сирење е од трлото на сточарот Филота Ѓеоргиев од потпелистерското село Трново.

Живо и исполнето со позитивна енергија е во шталата на Филота Ѓеоргиев од потпелистерското село Трново.

Филота  е сопственик на фармата Агро Ва-Ни, тој е пензионер, долги години работел во рудникот „Суводол“ во РЕК Битола и за овчарството вели дека е „подеднакво тешко како и рударството“.

-И одгледувачите на овци и рударите се изложени на ризик, непредвидливи моменти и потешкотии, вели нашиот искусен сточар.

Семејството Ѓеоргиеви од секогаш се занимавало со сточарство. Од дедо прадедо фамилијата на Филота чувала овци. Така е и денес.

Во фармата сместена под селото Трново се огледуваат преку 330 овци и над 160 јагниња. Овците ги чуваат девет големи Шарпланинци, мелези, верни чувари на стадото. Обврските со овците траат од рано сабајлето до доцна навечер вели нашиот домаќин.

-Од секогаш, од кога паметам, мојата фамилија чувала овци. Нашата фарма беше над селото Трново, не можевме да ја легализираме, бидејќи беше во населено место, ја префрливме пред 5 години, во објект од „Фарма Дихово“ на површина од 1300 м2. Се задолживме со кредити со цел да инвестираме. Сега тука ни е поубаво, зад фармата имаме и пасиште и сме најголемите одгледувачи на овци во овој дел. Одгледуваме неколку сорти, источно-фризиски, хиос, винтерберг, едните се повеќе на месо, другите се млечна сорта, раскажува Филота додека ги храни јагнињата и овците.

Овчарите, молзењето и стрижењето на овците се најголемата мака на сточарите

Голем проблем за одгледувачите на овци е да најдат овчари, кои меѓу другото ќе бидат искусни и ќе знаат да ги молзат овците.

Рачно се молзат сите овци во шталата на Филота, зошто како што вели, системот за молзење е скап, чини над 15 илјади евра и покрај исплатата на кредитот за фармата не се во можност сега да го набават.

-Рачно ги молзам, тешко е многу, рамењата ни паѓаат со молзењето. Лани аплициравме за грант, ама не ни одобрија средства за молзилиште. Тешко е да се најде човек за молзење. За тоа ни треба помош од државата, тоа е инвестиција со која ќе одиме напред, вели сточарот.

Тешко се продава и волната.

Во трлото на Агро Ва-Ни се прави највкусното овчо сирење

Сопругата на Филота е мајсторот за правење на сирење. Во Битолско, потпелистерското сирење е едно од највкусните и најбараните сирења во регионот. Семејството е добро опремено со просторија за преработка, просторија за вриење на сирењето и ладилник. Годишно произведуваат над 2400 килограми овчо сирење. Млекото се контролира во лабораторија два пати во месецот, а потоа и готовиот производ. Секој литар млеко од фармата се преработува и не се предава во млекарниците.

-Годишно правиме преку 200 канти сирење и целото ни се откупува. Муштериите не познаваат, сигурни се во нашиот квалитет и доаѓаат од дома да го купат. Продаваме исклучиво превриено сирење, откако ќе преврие се чува на температура од 5 степени. Рестораните се наши редовни купци, а гостите штом ќе го вкусат нашето сирење прашуваат и доаѓаат кај нас да си купат за дома, раскажува нашиот соговорник.

Анета Блажевска

https://www.sinpeks-shop.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close