Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести
Бачовски-За субвенции оваа година исплативме 105 милиони евра кон 80.000 земјоделци
Преку ИПАРД 2 програмата исплатени 17.8 милиони евра за 261 проект
Преку програмата за директни плаќања се исплатени 6.5 милијарди денари или 105 милиони евра кон 80.000 корисници на субвенции за растително и сточарско производство.
Обезбедена беше финансиска поддршка за лозарите, тутунарите, полјоделците, овоштарите, градинарите, сточарите, млекопроизводителите, живинарите и органските производители.
Со интервентниот фонд ја ублаживме кризната состојба во неколку сектори.
Преку оваа нова програма поддршка од над 700 милиони денари или 11 милиони евра добија производителите на стратешки житни култури преку субвенционирање на набавка на вештачко ѓубриво, а поддршка добија и сточарите за заклано јагне и гоеници и одгледувачите на кокошки – несилки.
Дополнителна субвенција добија и млекопроизводителите, како и одгледувачите на слива и зелка.
Со мерките од програмата за рурален развој финансиски ги поддржавме сите проекти кои беа насочени кон модернизација на земјоделските стопанства и создавање на финални земјоделски производи.
318 милиони денари или 5.2 милиони евра се исплатени за поддршка на руралните жени, младите земјоделци, набавка на добиток, набавка на комбајни за ориз, трактори, за поддршка на задругите и ЛАГ-овите, за подигнување на нови лозови и овошни насади како и за проекти за подобрување на руралната јавна инфраструктура со што се опфатени 592 корисници.
Многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерна земјоделска механизација, системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини беа поддржани преку ИПАРД 2 програмата.
За таа намена беа исплатени 17.8 милиони евра за 261 проект како ко – финансирање на инвестиции во земјоделството и руралниот развој во висина од 50-65%.
Преку сите овие активности, во можеби најтешката година по 2-рата светска војна успеавме да вбризгаме 140 милиони евра како финансиска поддршка за македонското земјоделство и рурален развој.
Во меѓувреме потпишани беа многу нови договори за набавка на силоси, опрема за преработка на тутун, набавка на високостелни јуници, системи капка по капка, а реализирана беше и новата мерка за откуп, пакување и дистрибуција на овошје за над 180.000 ученици од 350 основни училишта.
Нашата работа се карактеризираше по еднаквиот пристап кон сите корисници и транспаретноста во постапките.
За тоа говорат десетици илјади задоволни корисници кои неселективно го остварија своето право на финансиска поддршка.
Ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници. Нека биде успешна и бериќетна година.
Вашиот успех и просперитет е наша најсилна мотивација !