fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Две третини од водата што се користи за наводнување на земјоделските површини воопшто не се фактурира

Има вода, нема пари

Дури две третини од водата што се користи за наводнување на земјоделските површини воопшто не се фактурира поради негрижа за системот. А и таа што се фактурира се наплаќа по цени и методологија што се неодржливи

Кон крајот на 2019 година тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска потпиша договор за заем од 107,6 милиони евра од банката КфВ. Најголемиот дел од тие пари, или околу 80 милиони евра, беа наменети за Програмата за наводнување на Северна Македонија. Со Програмата за наводнување ќе обезбедиме да стигне вода до 14 000 хектари посеви, изјави тогаш министерката.

Три години и некој месец подоцна Државниот завод за ревизија објави извештај на тема „Користење на водите за наводнување“. Кога е во прашање кредитот што го потпишала Ангеловска, ревизорите заклучуваат дека земјава три години по ред плаќа по 80 000 евра провизии годишно, само затоа што никој не ги повлекува парите од кредитот. Или, за три години, Северна Македонија ѝ платила околу 240 000 евра на банката КфВ не за камати туку затоа што не ги користиме парите од кредитот.

Има вода, нема пари

Необјаснивото трошење на 80 000 евра годишно на провизии само затоа што кредитот стои на сметка, за жал, е само мал индикатор за општите состојби кога е во прашање управувањето на системот за наводнување во земјава. На државните ревизори им биле потребни дури 69 страници за да ги изложат сите свои наводи и на секоја страница има заклучоци што се загрижувачки, а некои и вознемирувачки.

Прво и основно, за некоја фирма да функционира, била таа државна или приватна, мора да го наплаќа тоа што го продава/произведува. Генерално, во земјава сметка за наводнување се прави едвај за една третина од потрошената вода.

„Во најголем дел е запоставено тековното одржување на постојните застарени и делумно нефункционални системи, поради што две третини од земјоделските површини се наводнуваат надвор од системите или не се фактурираат, што влијае на помалку остварени приходи на вршителите на водостопанска дејност и на Буџетот на државата бидејќи за таквото наводнување не се наплатува воден надомест ниту надоместок за водно право за наводнување“,

се наведува во извештајот на ДЗР.

Но, не само што две третини од водата „се губи“ туку и таа една третина што се фактурира е надвор од стандард. На пример, надоместокот за наводнување се наплатува во фиксен износ според пријавената површина и култури, односно не се зема предвид реално потрошената количина на вода, а тоа значи дека повеќе потрошената вода претставува загуба, односно за неа не се наплатуваат приходи.https://360stepeni.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close