fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Александар Кимов -Ако не беше винаријата сигурно иднината ќе си ја планирав во странство

МЛАДИ И УСПЕШНИ-Александар Кимов -Квалитетот на виното е моето главно оружје како млад производител на вино кој се пробива на пазарот

Кога млади човек сериозно ќе се посвети на некоја работа неизбежни се успесите. Таков е и случајот со младиот производител на вино Александар Кимов кој по завршувањето на економските студии сепак одлучил својата иднина да ја гради на темелите на една семејна љубов кон винарството. Па така винаријата која ја започнал неговиот татко под името „Винарис“ приказна од која веќе кренал раце неговиот татко тој решил да ја оживее но не во сенката на својот родител туку како нов пат на кој тој самиот одлучил да тргне поминувајќи го од почеток и оставајќи свој печат.

-Кога завршив со факултетот иако сум економист а не енолог сепак се одлучив за почнување на своја нова винарија на која ќе се посветам целосно секако со голема поддршка од моите родители но овој пат целосно под ново име и со нов правец. Така се роди во 2018 година винаријата Кимов во која има вработено професионален енолог а моја цел е да бидам препознатлив како винарија која прави специјални премиум бели вина. Она што сметам дека треба да биде лицето на нашата винарија тоа е виното Совињон бланк на кое и се фокусиравме изминатите години. Годинава произведовме малку Темјаника но сепак сметам дека во иднина треба главниот бренд да ни биде Совињон бланк. Целата желба за да влезам во светот на производството на убави вина ми е уште од мали нозе кога редовно го придружував мојот татко кој тогаш произведуваше вино, рече Александар Кимов од Кавадарци.

Кимов има 25 години и за свои години доста сериозно е посветен оваа млада винарија со капацитет од 60 илјади литри да ја претвори во свој бизнис кој понатаму ќе се надградува и проширува освојувајќи го првенствено домашниот пазар а понатаму можни се и планови за извоз. Она на што е сериозно посветен и што е најголем предизвик за секој млад човек кој влегува во производството на вино е тешката битка со маркетингот и отворањето на нови пазари и продажни места.

-Ова е сериозен бизнис во кој големите винарии имаат доста вложено и имаат свое реноме и освоени пазари па така мојата работа е многу тешка и понекогаш макотрпна. Она што е моја стратегија за успех е посветеноста на квалитетот. Откако еднаш ќе успеам да влезам на едно продажно место само квалитетот е тој што ќе ми помогне повторно да се јават и да го бараат нашето вино. Ја почитувам многу тиквешката традиција и начинот на производство на вино па така знам колку е важно доброто вино да се прави уште на лозјето. Практикуваме да соработуваме со едни исти кооперанти кои се внимателно одбрани и грозјето од кое се прави виното е од истите лозови површини секоја година. Секоја година почнувајќи од почетокот на работните операции постојано сме на терен и знам колку е важно и да се облечат и чизми за да се следи квалитет на грозјето до самата берба по што работата се сели во винаријата, додава Кимов.

Винаријата е опремена со современа иноксна опрема со чилер  кои се важни за да се обезбедат потребните услови за производство на квалитетни вина што е единственото оружје и предност при освојувањето на пазарот. Додека студирал економија не крие дека имал планови за заминување во странство во некоја од европските земји но сепак љубовта кон производството на вино која се вградила во него уште од мали нозе како и знаењата кој ги стекнал при студирањето околу освојувањето на пазарите биле пресудни целосно да се посвети на градење на имиџот на една млада и мала семејна винарија. Предноста на малите винарии е токму во можноста целосно да се посветат на секое литро вино и како на мало дете и да го одгледаат додека да созрее. Голем проблем предизвика корона кризата која драстично ги намали можностите за продажба затворајќи ги угостителските објекти но смета дека заради оваа криза само малку ќе се одложат плановите за иднината.

-Следно на што сум посветен е да направам во склопот на винаријата една репрезентативна соба за дегустација за да може секој љубител на добро вино да има каде да дојде и целосно да ужива во врвниот квалитет на вината кои ги произведуваме. Следно во планот е и уредување на неколку соби за спиење за да направиме еден спој на винскиот и руралниот туризам. Сето ова секако планирам да го направам со помош на европските фондови кои имаат поддршка за винарии и за млади додава Кимов.

Неговото мото е да оди чекор по чекор па во склад со тоа и постапува. Засега учествува на секоја манифестација каде има дегустации и оценување на вино и од таму се враќа со бројни признанија и награди. Енолозите кои ги организираат овие манифестации знаат да дадат реална оценка за винаријата дали оди во добар правец а признанијата е се добри и за градење на довербата пред потрошувачите смета младиот и перспективен винар Кимов .

Подготвил тимот на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close