Газдите бараат да плаќаат боледување само за 15 дена
Од 30 на максимум 15 дена, да се намали бројот на денови што се плаќаат за боледување, а се на товар на работодавачите, бараат текстилните и кожарските компании.
Од 30 на максимум 15 дена, да се намали бројот на денови што се плаќаат за боледување, а се на товар на работодавачите, бараат текстилните и кожарските компании. Ангел Димитров, претседател на Здружението што ги застапува интересите на овие два сектора, вели дека сè почесто добиваат поплаки од работодавачите за злоупотреба на боледувањата и дека оваа појава е почеста во летниот период. Според Димитров, чесно е да се каже дека лажните боледувања не се феномен само на приватниот сектор.
– Одат во странство, работат на нива, а по истекот на еден месец, паузираат ден или два, сè додека матичните лекари не им отворат ново боледување со нова дијагноза. Работата во овие два сектора е врзана со рокови. Во приватниот сектор не сте во позиција да имате неколку вработени на едно работно место, туку секое работно место е испланирано, така што отсуството на еден вработен го чувствуваат и работодавачот и колегите. Ние не можеме да знаеме колку ќе трае боледувањето, сакаме да ја завршиме работата навреме, а згора на тоа не можеме прекуноќ да најдеме нови работници – вели Димитров.
Тој открива дека во новиот Закон за работни односи посебно се третира оваа проблематика, но е скептичен дали Фондот за здравство има доволно време и вработени за да ги заврши контролите во реално време.
– Дали ќе биде возможно да се контролираат сите боледувања? Едни се отвораат, други се прекинуваат. Нам ни треба да се открие злоупотребата веднаш, а не по три месеци. Затоа и бараме скратување на боледувањата што одат на наш товар, односно наместо 30 на 15 дена – објаснува Димитров.