„Сите сме Јана“- битолчани утре излегуваат на протест
Протестот е закажан за 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола, а организатори се семејството, роднините и пријателите на Христовски.
БИТОЛА – „Сите сме Јана“ – под ова мото битолчани утре излегуваат на голем протест за прераната смрт на шестгодишното девојче Јана Христовска од битолско Кравари кое минатата недела почина во битолската Клиничка болница по примена инфузија.
Протестот е закажан за 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола, а организатори се семејството, роднините и пријателите на Христовски.
Додека се чека извештајот од обдукцијата која треба да ги даде точните одговори како и поради што настапила смртта кај Јана, роднините на семејството Христовски имаат една цел – да го насочат вниманието за состојбите во македонското здравство.
„Го чекаме последниот збор од битолското обвинителство за смртта на Јана. Обдукцијата мора да ја даде вистина, а тоа ќе значи дека родителите на Јана ја кажаа вистината и реалната слика за смртта на нивното девојче. Вината никако не смее да се фрли кон родителите, туку да се бара одговорност на вистинската врата. Мора да се каже вистината за македонското здравство. За лекувањето, за третманот на пациентите, за немањето на лекови и здравствени работници, за немање апарати и сѐ што значи квалитетно здравство“, вели Игор Петковски од Битола, кум на малата Јана, организатор на протестот. Засега протестот се најавува само за во Битола, но не е исклучена можноста, протести да се организираат и во други градови.
Инаку семејството Христовски не е задоволно од извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој соопшти дека нема грешки во лекувањето на Јана и дека без оглед на примената инфузија и високиот шеќер во крвта, Јана починала од застој на срцето.
Петковски вели, ако Јана имала проблеми со срцето сигурно лекарите за тоа ќе знаеле уште на првиот преглед.
Јана почина минатата среда на Детското одделение во битолската болница откако со симптоми на настинка и повраќање било однесено на лекар. По првично измерените 9 единици шеќер во крвта Јана примила инфузија со гликоза, по што шеќерот покажал 19 единици на следното мерење. Семејството се сомнева во грешки во лекувањето. (А.Б.)