Директорот на „Финансиска полиција“ најавува нови кривични пријави за трговците на овошје и зеленчук
Според Финансиската полиција, пријавените во првите четири месеци од годинава нанеле штета на државниот буџет од над 295 илјади евра.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов, најавува нови кривични пријави во наредниот период за трговците на овошје и зеленчук. Станува збор за лица кои во својство на управители свесно се стекнале со противправна имотна корист.
Финансиската полиција до Јавното обвинителство поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на сомненија за сторено кривично дело фискално затајување по акцијата против трговците на големо со овошје и зеленчук, главно што се одвиваше на Кванташки пазар на големо. Со овие дејствија, според Финансиската полиција, пријавените во првите четири месеци од годинава нанеле штета на државниот буџет од над 295 илјади евра.
– Дополнително и во завршна фаза работиме и на други кривични дела, кои се надлежност на Финансиската полиција и со добиените резултати ќе поднесе соодветен поднесок и ќе ги запознаеме надлежните обвинителства, рече Иванов во вестите на Телевизија 24.
Во извештајот на Финансиската полиција по акцијата против трговците на големо со овошје и зеленчук на Кванташкиот пазар стои дека управителите на овие субјекти не платиле ДДВ од 5 отсто на стоката со вредност од скоро 2 милиони евра (1.832.968). Според Кривичниот законик, казните за фискално затајување се до 300.000 евра или 3 години затвор.