fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Битола конечно ќе ја реконструира важната улица „Индустриска“

На оваа улица има стотина бизниси. Таа е полна со дупки и без канализација

БИТОЛА – Речиси стотина бизниси во индустрискиот дел на Битола, со години наназад трпат штети  поради лошата инфраструктура и сообраќајна поврзаност. Улицата „Индустриска“ во Битола е приказна за себе, нереконструирана речиси половина век. Камените коцки пропаднати, а поради немање на одводна канализација после секој дожд по десетици објекти од индустријата се поплавуваат. Мали езерца се формираат на самата улица па безбедноста да се помине по неа и со тешки и со лесни возила причинува ризик.

Улицата „Индустриска“ е во должина од 2,4 километри, и од шеесетите години наваму кога во тој реон се градеше битолската индустриска зона досега ниту една локална власт не се обиде и не успеа да ја направи. Убавата вест е дека сега Општина Битола со средства од Светска банка, оваа градежна сезона конечно ќе почне реконструкцијата на „Индустриска“ во Битола, како и обнова на над педесетина други улици во градот.

Стопанственици за „Независен“, коментираат дека со години нерешените инфраструктурни проблеми оставаат последици врз локалните бизнис без оглед од кој сектор се бизнисите.

„Во големо очекување сме ‘Индустриска’ да почне да се рехабилитира и да не биде само ветување. Во овој дел од индустриската зона има околу стотина фирми од трговија, производство на метални конструкции, помали фабрички капацитети со различни дејности, магацини за складирање на тутун и слично. Улицата нема одвод и при секој дожд нашите објекти се поплавени, одводната мрежа нема капацитет да ги прими тие води. Магацините ни се поплавуваат, стоката ни се уништува во континуитет. Друга приказна е шталата која е покрај патот, па изметот од животните завршува на самиот пат“, наведуваат стопанственици од Битола и напоменуваат дека не само реконструкција, туку на патот му е потребно и проширување оти вака како што е сега, широк околу 6 метри, тешко се разминуваат транспортни возила.

Од Општина Битола најавуваат дека оваа сезона ќе се реконструира „Индустриска“ и дека средствата се одобрени од Светска банка. Општината ја изготви проектната документација за должина од 2,4 км и вкупна вредност од над 51 милиони денари.

„Ова ќе биде еден од инфраструктурните проекти, за кои општина Битола, конечно ќе може да ги искористи средствата од 1,4 милиони евра од Светска банка, одобрени во 2020 година со одлука на Владата, а за кои рокот за реализација е до 2024. Постапката за избор на изведувач за реконструкција на коловозот треба да ја спроведе Министерството за транспорт и врски, а отпочнувањето на активностите е предвидено за оваа градежна сезона“, велат од општина Битола.

Во Битола за 2023 година е предвидена реконструкција на 56 улици, во вкупна должина над 22 километри и вредност од околу 250 милиони денари.

Пред некој ден почна обновата на 10 улици во населбата „Недопирливи“, а ќе се обновува и улицата кај Светонеделските гробишта, улицата „Стив Наумов“, следната фаза од улицата „Солунска“. Покрај реконструкција на коловозот на дел од улиците ќе има комплетна реконструкција на водоводна мрежа во вредност од над 56 милиони денари, како и на канализациска мрежа во вредност од близу 52 милиони денари.

Реконструкција е планирана и за триесеттина улици во селата Егри, Лажец, Оптичари, Долно Оризари и исто толку во Горно Оризари, локалниот пат за село Трново до граница со НП „Пелистер“.

„Најдолги улици кои се планирани за реконструкција се: ‘Индустриска’ (2,4 км), ‘Стив Наумов’ (1,3 км) и локалниот пат за село Трново до границата со НП ‘Пелистер’ (1,6 км). Овие три улици опфаќаат инфраструктурно подобрување на дел важен за бизнис секторот, развој на туризмот, како и за урбаниот дел на општината“, ни изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Покрај улиците веќе се работи и на партерното уредување на реконструираниот Офицерски дом во Битола, како и изградба на кружен тек на улица „Прилепска“ со улица „Баталјон Стив Наумов“ каде се планира да биде поставен споменикот на Александар Турунџев.

Лани во првата година од мандатот на Коњановски завршена е реконструкцијата на 20 улици во општина Битола во должина од околу 10 километри со вкупна вредност од близу 127 милиони денари (вклучувајќи и водовод и канализација). Додека пак, во 2021 година, Коњановски ги заврши проектите започнати од екс градоначалничката Наташа Петровска за започнатите улици во потпелистерските села Трново – Магарево, улиците „Солунска“ и „Довлеџик“ и уште неколку други.https://www.sinpeks-shop.mk/

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close