Лани 22 земјоделци загинале при вршење земјоделски работи
Ниско е нивото на безбедност на земјоделците
Едукација, совесност и спроведување на законот заштита на работното место се главните чекори за да се спречи ниското ниво на безбедност на земјоделците при работа во полето и во земјоделските стопанства. Ова беше речено на дводневниот семинар кој започна денеска во Прилеп на тема „Заштита на здравјето и безбедноста при работа на работниците во земјоделскиот сектор од Пелагонискиот регион“ во организација на здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп.
Според податоците, лани 22 земјоделци загинале при вршење земјоделски работи, а во 2020 година 21 земјоделец се повредиле во Прилепско. Четири насто од БДП во сиромашните земји одат на покривање на трошоците за повреди на работниците, а во Македонија во 2020 година од фондовите се одлеале 426 милиона евра за покривање на трошоци при повреди на работно место.
– Можеби ова се доволно податоци за да се преземе нешто за да се променат состојбите и земјава да не биде во оваа ситуација, зашто безбедноста на работното место е на ниско ниво. И на земјоделците при вршењето на земјоделските работи, вели Славица Јанкова од македонското здружение за заштита при работа.
Рубинчо Аризанкоски, програмски координатор од здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп вели дека крајно време е да се подигне свесноста, но и едукацијата на земјоделците при ракувањето со механизацијата и со земјоделските препарати.
– Целта на семинарот е да се дадат информации, размена на искуства и да се запознаат учесниците со мерките за заштита при работа во земјоделскиот сектор преку пристап кој се базира на меѓународните конвенции преку институционализирана рамка за соработка во согласност со домашните законски регулативи и нормативи од областа на земјоделството. Многу е битно и сојузите на земјоделците повеќе да водат сметка за безбедноста на производителите преку едукации. На пример, кога е во прашање тутунопроизводството, при откупот на производителите им се задржуваат два отсто и треба да се употребат во едукации, еве сега во ек е садењето на тутунот, за управување со механизацијата и заштита при употребата на препаратите, изјави Аризанкоски.
Професорот по земјоделство при прилепското средно училиште „Орде Чопела, Игор Галоски е со конкретни предлози.
– Во зимскиот период, кога земјоделците немаат работа, продавачите на механизацијата наместо само да мислат на провизиите од продажбата да одржат едукации. Тоа да го прават и земјоделските аптеки за користење на препаратите, а едукациите се неопходни и во земјоделските училишта. Не се согласувам при полагање за возачка Б категорија да пишува дека сме оспособени и за управување со трактор. Тоа е незамисливо, вели Галоски.Извор https://opserver.mk/