Од многу дожд и влага во почвата се пролонгира жетвата во Полошкиот регион
Оштетен е родот кај градинарските култури на отворено.
Во јуни 2023 година според автоматската метеоролошка станица во Тетово наврнале 98.9 литри дожд на еден квадратен метар, што е невообичаена состојба за тој месец, која пак, според агрономите, ќе влијае на земјоделските површини.
Според агрономите, ќе доцни жетвата на пченицата, а оштетен е родот кај градинарските култури на отворено. Невообичаеното променливото време за јуни според нив предизвикува големи штети кај земјоделските култури доведува до појава на голем број на болести и штетници, намалување на приносите и квалитетот, а сето тоа доведува до зголемување на цена на чинење на земјоделскиот производ.
-Врнежите кои го зафатија полошкиот регион во месец јуни, според официјални податоците добиени од метеоролошка станица во Тетово при што наврна 98.9 л/м2 воден талог, се несвојствени за овој период од годината. Ваквата состојба предизвикана од обилните врнежи доведе до доцнење на жетвата на житните култури во полошкиот регион која оваа година се пролонгира за петнаесет дена и до намалување на приносите и квалитетот на зрното, изјави Ранкица Божиновска, в.д раководител регионалната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Најголеми штети од врнежите се предизвикани на земјоделски површини засадени со градинарски култури кои се одгледуваат на отворено.
-Поројните дождови уништија голем процент од површините засадени со домати и пиперки а на површините зафатени со град штетите врз градинарските култури изнесуваа 80-90%. Поради ова земјоделците беа принудени да побараат помош од надлежните органи за настанатите штети, информираше Ранкица Божиновска.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи во сите шест месеци од 2023 година се бележи високо воден талог поради долготрајните врнежи од дожд. Најмногу врнело во јануари кога има 132.0 литри на метар квадратен, февруари 6.9, март 61.7, април 92.5, мај 71.1 и јуни 98.9 л/м2.