fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиТоп вести

Зошто крушевчани си ги продаваат куќите?

Дел од луѓето успеале да ги продадат имотите, а некои чекаат со години.

Повеќе куќи во градот Крушево се огласени за продажба. Крушевчани нудат  куќи од 40, 70, 80, 95, 100, 120, 200  квадрати, наместени или куќи во градба. Станува збор за куќи со 3, 4, 5,  8 или 10 соби.

Оние кои ги продаваат куќите велат дека имаат различни мотиви за тоа, од селење надвор од државата или во друг град, потоа некои поседуваат две куќи, па решиле едната да ја продадат, некои се веќе отселени и сакаат да се ослободат од имотот. Според нив, познато е дека во целата држава имаме проблем со миграцијата, а Крушево не е исклучок. Додаваат дека бројот на жители се намалува, така што за младите нема некоја перспектива.

„Ние имаме две куќи, старата ќе си ја чуваме, а новата ја продаваме. Се јавуваат луѓето, прашуваат, најчесто од Скопје, но досега нема договор. Сепак, Крушево е еден убав град со вековна традиција, со прекрасен воздух и не може да биде толку евтино како што очекуваат“, вели Кочо Николоски.

Дел од луѓето успеале да ги продадат имотите, а некои чекаат со години.

„Јас продадов куќа во Крушево и си купив друга куќа исто во градот. Мислам дека причините се познати, не е тајна дека народот се иселува и тука секој си има различна приказна. Инаку, купуваат и луѓето од други градови за да си доаѓаат за викенди. Останати се околу 2.500 жители во градот“, додава жител на Крушево.

Оние луѓе кои продаваат куќи велат се случувало за 4 години додека куќата е ставена на продажба, да се јават и по педесетина заинтересирани. Крушевчани велат дека имаат и нови соседи и тоа од Скопје, Кавадарци, кои неодамна си купиле имоти во гратчето.

„Јас имам две куќи, едната ја продавам. Јас сум стара, мене една куќа ми е сосема доволна. Овде се продаваат многу куќи затоа што некои луѓе починале, нивните наследници не живеат тука и ги продаваат, некои веќе се отселиле. Продавам и два декари борова шума во близина на манастирот на Тоше Проески, затоа што сум сама, не ми е потребна“, вели Фане Нечовска од Крушево.

Куќите располагаат и со дворно место, а со некои се нуди и гаража за продажба.https://faktor.mk/

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close