Преку интернет килограм ајварки 60 денари, благи пиперки 80, низа од два реда суви пиперки 500 денари
Земјоделците нудат поевтини производи преку социјалните мрежи!
Од укинувањето на владините мерки производителите и трговците добија одврзани раце да ги формираат цените според пазарната логика на понудата и побарувачката.
Килограм црвени пиперки за ајвар се продава од 80 до 100, везенките по 100 денари. Модриот патлиџан зависно од големината – од три до пет парчиња за 100 денари, тиквичките три за 50 денари.
Овие производи се продаваат и преку социјалните мрежи, а ги нудат самите земјоделци. Тие групи бројат близу сто илјади членови – производители и заинтересирани купувачи. Според коментарите, а на задоволство на двете страни, воспоставена е добра соработка. Доставата најчесто е бесплатна, веројатно е пресметана во самата цена. Иако има и испорака која не се наплаќа само доколку нарачката е во износ од над илјада денари.
Исто така, според коментарите, нема приговори за квалитетот на производите. А, понудата е: килограм ајварки 60 денари, благи пиперки 80, низа од два реда суви пиперки 500 денари, низа од 2,5 килограми пиперки – 300 денари. Доматите се 80 денари килограм, а краставиците 90 денари. Тиквичките се нудат по 20 денари парче, а пченката за 30 денари. Модриот патлиџан – 20 денари парче, а го има и за 30 денари килограм.
Компирите се нудат според големината – 35 денари ситниот, 40 средниот и 50 денари крупниот. Килограм грав, пак, е 200 денари белиот, а 220 денари црвениот, пренесува pari.com.mk