Во Новаци никна најголемата приватна фотоволтаична централа на Балканот
Над 100.000 соларни панели во ФЕЦ „Новаци“ ќе даваат струја доволна за потребите на 30.000 семејства
Во Новаци, на само 50 метри од одлагалиштето на јаловината од рудникот Суводол, изградена е најголемата приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – ФЕЦ „Новаци“ која моментално е и најголема на Балканот. Новата централа, која со работа ќе почне до крајот на месецов, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја и тоа од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Новата ФЕЦ е значајна за земјата и од вкупен економски аспект бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.
Соларната фарма, која зафаќа површина од 57 хектари, се состои од 101.062 фотоволтаични панели, а поставени се и над 850.000 метри различни видови кабли. Изградбата на централата, за која административните работи се започнати во 2021 година, а градежните во ноември 2022 година, е завршена за неполна година. За проектирање и поставување на централата, ангажирани се консултанатски фирми и стручни лица кои повеќе од 20 години се занимаваат со изградба на централи и нивна оперативност. Изведбата целосно ја извршуваа македонски компании, а опремата е набавена од странство и дел од Македонија, согласно индустриските капацитети на државата.https://nezavisen.mk/