Ковачевски: За недела-две ќе има решение за високите плати на функционерите
Функционерите досега зедоа шест полни плати со 78 процентно покачување.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека за недела-две ќе има решение за измените на закон за платите и надоместоците на функционерите, без да споменува можни коефициенти и бројки.
На вчерашната владина седница се расправало за предлог за измените на закон за платите и надоместоците на функционерите кои во март со одлука на Уставниот Суд пораснаа за 78 отсто, но одлука не била донесена а Ковачевски не бил присутен.
– Бараме решение кое ќе биде одржливо, за да не го укине Уставниот суд. Отворена е дискусија вчера како треба да изгледа, министрите ќе работат во текот на овие денови, за да се постигне усогласување на платата на ниво кое ќе биде поприфатливо и истоврмено одржливо, за во наредните една-две недели да излезат со решение пред Влада пред да оди во Собрание. Треба да биде прифатливо од правно гледиште, бидејќи досега два пати има паднато на Уставен, рече Ковачевски.
Функционерите досега зедоа шест полни плати со 78 процентно покачување.