„Еко-свест“: Плодните земјоделски површини не смеат да служат за производство на електрична енергија
Земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, преку соопштение до медиумите бара бара да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија.
„Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување на храна за населението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти“, велат од „Еко-свест“
Од таму посочуваат дека под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури.
Според „Еко-светс“ предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години.
„Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Криминално е и заплашување на цели региони каде најголема економска дејност е производство на храна и локални заедници од страна на институции со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата“, се вели во соопштението.
Од оваа организација велат дека веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Пример за такви локации се деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии.
„Еко-свест“ во соработка со МАНУ објави Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија и идентификуваше 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од ОИЕ.
Од „Еко-свест“ додаваат дека заедно со МАНУ подготви и Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на ОИЕ, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Овие локации не се во области со значителна биолошка разновидност, немаат голема еколошка вредност и не го нарушуваат животот на локалното население. Студијата утврди дека доколку инвестициите се насочат на половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат скоро 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата. https://nezavisen.mk/