fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Македонија умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој

Нотира Европската комисија

Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој, нотира Европската комисија (ЕК) во најновиот извештај за напредокот на земјава. Според ЕК, постигнат е одреден напредок во периодот на известување, особено во подготовката на Акцискиот план 2021-2027 година за Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, како и во делот на буџетирањето мерки за поддршка во рамки на Националната програма 2023-2027 година за развој на земјоделството.

И оваа година, оценува ЕК, земјава има добро ниво на подготовка во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и на фитосанитарната политика. Одреден напредок има и во рибарството и во аквакултурата.

ЕК укажува дека некои препораки од минатогодишниот извештај не се целосно имплементирани, поради што продолжуваат да важат. Се препорачува да се обезбеди трансфер на регистарот на фарми и на системот за идентификација на земјишни парцели до Платежната агенција, да се усвои законодавна рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областите како што се плаќања за поддршка, заедничка организација на пазарот и советодавни услуги на фармите, како и да го подобри административниот капацитет за ИПАРД со цел максимално ефикасно спроведување на ИПАРД 3 програмата.

Во однос на руралниот развој, постигнат е добар напредок во апсорпцијата на средствата на ЕУ во рамките на ИПАРД 2. До крајот на 2022 година, исплатите достигнаа околу 42 милиона евра.

Од клучно значење е да нема одложување на преостанатите ИПАРД 2 средства и да се поддржи имплементацијата на ИПАРД 3 фондовите, за кои беше дадена доверба од Европската комисија. ЕК се осврнува и на органското земјоделство.

– Треба да се усвои нов закон за органски производи што дополнително ќе се усогласи со правото на ЕУ, а може да се интензивираат и активностите за подобрување на мониторингот и контролата на органското сертифицирање и „следливоста“ на органските производи.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close