Бектеши: Доколку има потреба ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените
Ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари.
Мерките ги даваат своите резултати во делот на зачувување на животниот стандард. Во случај одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе ја продолжиме, туку и ќе ги зајакнеме инспекциските капацитети, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Нагласи дека доколку има потреба ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари. Тоа, како што кажа, ќе зависи од анализите што ќе ги направи Министерството за економија до крајот на годинава.
-Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Прашан зошто беше потребен голем пакет на помош за граѓаните на само неколку месеци пред избори, Бектеши рече дека мерките се најавени од почетокот на годинава и не се мерки кои граѓаните не ги очекувале.