Земјоделците добиваат ефективен советодавен систем по европски терк за навремено информирање
Целиот Советодавен систем во земјоделството и руралниот развој и неговото функционирање, ќе биде надгледуван и помаган од Советот за мониторинг и координација, составен од експертска група на членови номинирани од над 20 институции и организации, кои се идентификувани како клучен дел од Системот.
Собранието на Република Северна Македонија го усвои Законот за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој, предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Значајна реформа која придонесува за уште поголема поддршка во развојот на македонското земјоделство и руралните заедници.
Како што соопштуваат од МЗШВ, преку овој Закон за советодавни услуги, создаваме можност за професионализација на советодавните услуги, воспоставувајќи систем, преку кој на земјоделците директно им се доближат знаењето, вештините и искуствата за најновите практики и технологии што се применуваат во земјоделското производство, а кои директно треба да влијаат во тоа да како држава имаме одржливо и конкурентно земјоделско производство, по европски терк.
-Новиот Закон за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој е усогласен со регулативите на Европската Унија.
Неговата поставена цел е создавање ефективен и структуриран систем за обезбедување на квалитетни совети и информации на нашите земјоделци.
Земјоделците сега ќе можат да се консултираат со стручни лица во областа на земјоделството и руралниот развој за сите текови во својата работа.
Редовно да бидат запознаени со сите нови мерки и можности кои им се ставаат на располагање, креирани од министерството или пак други организации и институции, кои даваат финасиска поддршка во развој на земјоделството и руралниот развој, појаснуваат од МЗШВ.
Посебно важна цел на ова законско решение, како што се посочува во соопштението, е структурално и организационо подобрување на постоечкиот советодавен концепт.
Пропишувајќи ги видовите и типовите на советници, програмите и видот на обуките низ кои треба да поминат, условите кои ќе треба да ги исполнат за да бидат регистрирани потенцијалните даватели на советодавни услуги ќе се постигне поголема конкурентност, подобар квалитет и зајакнување на капацитетите на давателите на советодавни услуги.
Со новиот Закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да воспостави Регистар на даватели на советодавни услуги, јавно достапен за сите земјоделски стопанства, на тој начин олеснувајќи им го пристапот до советник со специфична стручност за одредена област, во зависност од типот на производство.
Понатаму ова законско решение дава основа за формирање на Системот за знаење и иновации во земјоделството, познат како АКИС, кој во моментов е главна стратешка област за развој во Европската Унија.
Воведувајќи го овој систем ќе бидеме првата држава во регонот која успешно го има воспоставено овој важен систем за поддршка на земјоделците.
Целиот Советодавен систем во земјоделството и руралниот развој и неговото функционирање, ќе биде надгледуван и помаган од Советот за мониторинг и координација, составен од експертска група на членови номинирани од над 20 институции и организации, кои се идентификувани како клучен дел од Системот.
-Подготовката на овој значаен закон ја работевме транспарентно и инклузивно.
Изминатите две години, посебна експертска група формирана од министерот Љупчо Николовски, со помош од Европската Унија преку проектот за модернизација на советодавните услуги во земјоделството, интензивно работеше на сите потребни подготовки за изработка на овој закон.
При креирањето вклучени беа и земјоделците, преку повеќе јавни презентации одржани заедно со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, директно на терен земјоделците беа запознаени со концептот и можностите што овој Закон им ги става на располагање, истакнуваат од МЗШВ.
Земјоделството и руралниот развој се клучен сектор за државата.
– Како Министерство и Влада, остануваме посветени во нашата работа за подобрување и развивање на македонското земјоделство, подобрување на условите во руралните средини и развој на руралниот туризам, велат од Министерството.