fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Кампања за јакнење на јавната свест против илегалната сеча на шумите

Потпишан меморандум за соработка помеѓу МЗШВ и РЕФОРД со цел заедничко спроведување на кампања за јакнење на јавната свест против илегалната сеча на шумите

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, потпиша меморандум за соработка со Регионалниот центар за шумарство и рурален развој (РЕФОРД), со цел заедничко спроведување на кампања за јакнење на јавната свест против илегалната сеча на шумите во рамките на проектот “Борба против илегални шумски активности”, спроведуван од РЕФОРД во соработка со Шумската служба на САД – United States Forest Service.

 

Целта на проектот е да се зголеми свеста и знаењето поврзани со нелегалните активности во шумите и да се споделат најдобрите практики во борбата против истите.

Општествено внимание кон шумите како еден од најважните терестични екосистеми на планетата Земја, во услови на менување на климатските услови и нивното влијание по здравјето и виталноста на шумските ресурси и екосистемските услуги кои шумите ги обезбедуваат е се поголемо.

Сепак, според наодите на Gobal Forest Watch, од 2001 година Северна Македонија изгубила 38.600 хектари шумска покривка, што е еквивалентно на намалување од 4,9%. Шумските пожари и нелегалната сеча се посочени како главни причини за уништување на шумите.

Илегалната сеча е сериозен и долгорочен проблем, со кој шумската полиција секојдневно се соочува на терен, при што не се ретки ситуациите во кои животот на шумските полицајци е доведен во опасност во борбата против организирани групи на дрвокрадци.

Токму затоа, искуството на РЕФОРД и Шумската служба на САД, ќе придонесе да ја подигнеме свеста кај целокупното население за значењето на шумите и штетите кои се предизвикуваат и врз шумскиот фонд и врз шумскиот биодиверзитет со нелегалното сечење на шумите.

Постигнување на поширок општествен интерес за поддршка на руралниот развој преку одржливо управување со природните ресурси е заедничката цел на овој мемеорандум за соработка.

 

Покрај другите цели, РЕФОРД има за цел да обезбеди и поддршка во вмрежувањето на сопствениците на приватни шуми на Балканот, преку својата платформа за соработка „Балканска мрежа“ и тоа ќе го прави се додека располага со соодветни ресурси и поддршка од националната здруженија на приватни шуми во регионот. Во моментов, во „Балканската мрежа“ учествуваат 6 национални организации на сопственици на шуми од Балканот: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија.

 

Имајќи ги предвид горенаведените факти, очекуваме кампањата „Нелегални шумски активности’’ да ја оствари својата цел и да придонесе за повисоко ниво на свест кај сите граѓани, во борбата против нелегалната сеча на шумите.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close