Трипуновски открива скандал со над 50 милиони евра неисплатени субвенции за земјоделците
Во програмата за финансиска поддршка за 2024-та година, во мерка 11, заостанати обврски по мерки од програми од претходни години, има една фрапантна бројка од 3.400.000.000 денари, тоа се некаде над 50 милиони евра заостанати субвенции од претходни години, од 2020-та до 2023-та година.
Во интервју за порталот КУРИР, кое интегрални ќе биде објавено в недела, Цветан Трипуновски, дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, открива скандал во кој големи суми наменети за субвенции за земјоделците, актуелната влада воопшто не биле исплаќани.
„Кога зборувам за разочарувањето на земјоделците од оваа Влада и министерството, сакам да споделам еден податок и да го поткрепам ова разочарување кое го имаат. Во програмата за финансиска поддршка за 2024-та година, во мерка 11, заостанати обврски по мерки од програми од претходни години, има една фрапантна бројка од 3.400.000.000 денари, тоа се некаде над 50 милиони евра заостанати субвенции од претходни години, од 2020-та до 2023-та година. Тоа што цело време апелираме субвенциите да бидат навремени за земјоделците да имаат доверба во институциите, се потврдува со фактот дека субвенциите во најголем дел НЕ се исплатени кон земјоделците. И замислете во тешка економска состојба, со зголемени инфлации, со трошоци за производство, нафтени деривати и така натаму, вие имате субвенции кои што не се исплатени. Затоа велам дека земјоделците се разочарани од институциите и не ги добиваат сите оние услуги и мерки“, истакна тој.
Трипуновски открива дека ако во 2016-та-2017-та година имало над 95.000 земјоделци апликанти за поддршките кои МЗШВ ги имало во тоа време, во 2023-та година во истите тие апликации за мерките и програмите имаат аплицирано некаде околу 65.000 земјоделци, што е сериозно намалување на бројот на земјоделци кои се занимаваат со земјоделство.
Тоа значи околу 30.000 земјоделци помалку. Ова, според Трипуновски, е сериозен удар бидејќи изминативе години сите погрешни политики и задоцнети мерки, ненавремено ангажирање на ресорното министерство и Владата, значи разочарување и напуштање на нивите ширум Македонија.