ССМ најави протест за 1 Мај: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра
ССМ ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата
Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ) за 1 мај најави протест и ќе бара минималната плата да се зголеми на 450 евра.
ССМ ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата влада. Ова го најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој изјави дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките кои во изминатиот период покажаа и докажаа дека водат грижа за себе, но не и за работниците.
„Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од се’. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања. Денеска како никогаш досега имате работници во „Македонски шуми“ кои немаат примено плата три месеци, имате работници во „Водостопанство“ кои ја немаат примено последната плата. Вработените во културата преку протести се изборија за исплата на платата со зголемувањето на минималната плата и еден куп други работници кои се соочуваат со нивната егзистенција според податоците на УЈП каде што јасно се кажува дека повеќе од 20 илјади работници примаат плата помалку од минималната плата“, рече Трендафилов.