Промовирани вината од брендот „Луда Мара“
Брендот „Луда Мара“ го носи името на истоимената река која минува низ Кавадарци
Со мотото „Гледај го светот во очи“, во извонредна атмосфера исполнета со артистички содржини, „Тиквеш“ го промовираше својот автентичен бренд „Луда Мара“, во Музејот на современата уметност во Скопје. Моќниот слоган на брендот „Луда Мара“ – „Гледај го светот во очи“, е повик за љубителите на виното храбро да се соочуваат со сите животни предизвици и со реалноста, не предавајќи се на рутината и не бегајќи од можностите, искуствата и предизвиците што ги носи животот. Силната порака на брендот „Луда Мара“ е поткрепена со целосно нов визуелен идентитет, кој ја надополнува неговата приказна.
Брендот „Луда Мара“ го носи името на истоимената река која минува низ Кавадарци и има огромно влијание врз создавањето на виното и винската култура во овој регион низ вековите. Бројните легенди за оваа река ја опишуваат нејзината понекогаш грижлива, а понекогаш непредвидлива природа. Со своите излевања таа ја хранела и збогатувала почвата, но исто така ја покажувала и нејзината нескротлива сила. Оваа река е олицетворение на двојноста на животот и симбол на човечката издржливост и рамнотежата помеѓу човекот и природата.