fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаМлад земјоделецСоветиТоп вести

Игор Мирчески-Тутунарите секоја година губат по неколку илјади евра! А еве и зошто!?

Време е идната влада посериозно да се позанимава со можностите и потенцијалите кои ги нуди тутунот како за дополнителен приход на семејствата кои го произведуваат така и за државата каде и се отвораат нови можности за сопствени но и странски инвестиции во оваа област.

 

Македонија е земја која е позната во светот по производството на тутун и со векови оваа билка се обработува користејќи ги само листовите како суровина за цигари. Но ако се ослободиме од овие предрасуди дека тутунот може да се користи само во фабриките за цигари и постудиозно ги согледаме вистинските потенцијали на оваа билка, тоа може да доведе до револуција во одгледувањето на оваа култура на која треба да и се посвети големо внимание. Според некои студии тутунот може да биде во исто време и храна и лек, а покрај листот кој е единствено сега се користи, од оваа билка може да се користат и семето и стеблото.

Семето на тутунот содржи од 39,0% до 41.2% масло, од кое може да се екстрахира околу 32% техничко масло погодно за производство на биогорива. Поразителен е фактот колку секоја година се заорува по македонските ниви семе на тутун кое преставува потенцијално гориво и дополнителен извор на заработка. Но тука не завршува процесот, остатокот од  екстракцијата или околу 70% е ќуспе кое содржи 32,0% до 44% протеини, од 8.0% до 15.0%масло, влага од 6.0% до 10.0% и влакна до 25.0%. Според овие карактеристики, но и од анализите направени во Институтот за сточарство, евидентно е дека вака добиеното ќуспе ќе преставува извонредна основа за производство на храна за ситна, крупна стока, живина и риби. Дури резултати од некои истражувања одат до таму каде тутунот се смета како храна за иднината користејќи ја врвните спортисти и космонаутите при долгите патувања во космосот.

Од листовите на тутунот и денес се екстрахираат компоненти за производство на медицински средства и лекови во фармацевтската индустрија за лечење на Алцехајмеровста болест, Паркинсоновста болест и некои супстанци за лечење на Дијабетис.

И тука не застанува можноста за искористување на оваа билка, бидејќи и стеблото на тутунот кое за жал не го користиме, содржи долги тенки целулозни влакна што го прави извонредна основа за добивање на многу квалитетна хартија. Како пример може да се наведе фирмата „Филип Морис“ која хартијата за цигари ја произведува од стеблото на тутунот. Но и биомасата која може да се добие од единица површина може да се смета за значања компонента во производството на биогас и органско ѓубриво. Ова зборува каков потенцијал има оваа култура, но за жал не искористен во вистинска смисла на можностите. Фактот дека производството на тутун за голем број македонски семејства е основен извор за обезбедување на егзистенција, но и важна и стратешка култура на државата време е идната влада посериозно да се позанимава со можностите и потенцијалите кои ги нуди тутунот како за дополнителен приход на семејствата кои го произведуваат така и за државата каде и се отвораат нови можности за сопствени но и странски инвестиции во оваа област. Производителите на тутун секоја година се оштетени за по неколку илјади евра заради немањето храброст на државата да отпочне иновативни решенија за искористување на сопствените можности и ресурси каде на многу македонски семејства ќе им се обезбеди доживотен профит и загарантирана економска моќ.

Научните и тутунските работници заедно со стручната фела поврзани во оваа област од една страна и државата од друга страна крајно време е да ја искористат ШАНСАТА И ПОТЕНЦИЈАЛОТ која ја нуди оваа моќна билка ТУТУНОТ.

Пишува Игор Мирчески

Слични написи

Back to top button
Close