Градините и тутунот мора да се наводнуваат заради жешкото време
Градинарите и тутунарите загрижени поради пеколните температури
Прилепчанката Трајанка Димеска цел живот е со градинарското производство. Мака мачи со жешкото време навреме да се навади родот, ама жештините се побрзи од заштитата, рапортира МТВ.
-На овие жештини нормално е градинарските култури да страдаат и мора навреме да ги наводнуваме. Иако ги наводнуваме пак цветот се рони и родот е намален – вели Димеска. Земјоделците од тој регион се исплашени за родот, но според агрономите пченицата се жнее, родот е квалитетен. Во ек е бербата на тутунот. И за него и за градинарските култури пресудно е наводнувањето.
-Кај нас обично градинарството е лоцирано во општината Кривогаштани, каде наводнувањето е решено преку бунарите и секој којшто се занимава со градинарство решен му е проблемот со наводнување. Единствен проблем се временските непогоди“, вели Горан Томески, агроном, советник во Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – Прилеп. Родот во прилепско поле се наводнува, надлежните ги поттикнуваат производителите кои немаат да склучат договори.