Ердован и Емине вложија во систем капка по капка кај тутунот и плус систем под фолија кај пиперот
Од се' што посадија Исламоски од Канатларци најголема добивка очекуваат од тутунот
Ердован и Емине Исламоски од селото Канатларци се сопружници, млади земјоделци кои и оваа година насадиле тутун, бостан, сончоглед, пипер, посеале пченица и што е најважно поставиле систем капка по капка на дел од нивите за да немаат мака со сушата и да не им се намалат приносите.
Ердован вели дека годинава насадиле тутун на 60 декари, ја берат втората рака и дека многу се задоволни од родот. Годинава очекуваат најмногу да им се исплати по 500 денари за килограм тутун, плус субвенциите.
-Очекуваме цена повисока од лани, оти годинава тутунот е со многу добар квалитет, а и немаат тутунарите многу насадено. Малку е род. Најмалку цената треба да биде 500 денари од килограм. Ама ќе видиме рано е за пазар правање, вели младиот Ердован додавајќи дека на нивите со тутун поставил систем капка по капка, за да немаат мака со сушата и многу се задоволни.
Покрај тутунот, Ердован и Емине имаат насадено 1 хектар бостан, 6 декари пипер, 60 хектари сончоглед, 50 хектари пченица.
Најмногу ќар очекуваат од тутунот.
На површина од 6 декари семејството Исламоски посади и пипер под систем со фолија и систем капка по капка. Ердован вели садено е корен по корен со колце и задоволни се од родот.
Исламоски годинава засадија и 1 хектар со бостан. Послатки лубеници нема на пазарот.
Ердован и Емине сами ја сработија жетвата на пченицата, а родот го складираја во силоси и чекаат повисока цена. Ердован гордо вели дека неговата сопруга со тракторот од нива ја носела пченицата до силосите додека тој жнеел.
-Од 50 хектари, ожнеавме 200 тони пченица, вели Ердован.
Одлично напредуваат и нивите со сончоглед, се очекува добар род.
Автор Анета Блажевска