fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Битолска фирма работниците ги чувала под клуч

„Гласен текстилец“: Во Битола има работодавач каде работниците се заклучени, имаат постојана прекувремена работа која не е евидентирана и не е платена

Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ е загрижено поради грубото прекршување на работничките права низ целата држава. Оттаму денеска информираад дека активни случаи на грубо прекшување на работничките права, во моментот имаат кај правни лица низ градовите Штип, Битола, Македонски Брод, Македонска Каменица и Свети Николе.

Според здружението, во Штип еден работодавач започна да работи и во недела иако истиот според Законот за работните односи е ден на неделен одмор, согласно чл.134 ст.2 од Законот.

-Во индустриската зона во Штип, бидејќи имаме членови кои се дел од ГЛАСЕН СИНДИКАТ,  ни беше јавено дека има грубо прекршување на работничките права, како што е воведување на 10 часовно време. Ние како Синдикат реагиравме веднаш и истите неправилности беа отстранети. Во Македонска Каменица работниците се пријавени на 2 часа иако работат 8 часа а три пати во неделата работат прекувремено и по 11 часа, додаваат оттаму.

Во своето соопштение информираат и дека во Свети Николе, еден работодавач бидејќи имал регистрирано две фирми, работниците ги префрла од една во друга фирма и договорот за вработување го трансформирал од договор на неопределено време во договор на определено време.

-Работниците се членови на СТЧК кој е дел од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), немаме наши членови, но сепак е побарано правна помош и совет од наша страна. Упатуваме апел до ССМ да ги проверат договорите и дали е направена манипулација и злоупотреба на работничките права, а потоа да побараат и нивно раскинување. ССМ и СТКЧ имаат одговорност пред своите членови кои секој месец издвојуваат членарина за синдикат кој треба да има слух за нивните проблеми, посочуваат од „Гласен текстилец“.

Во Битола, додаваат од здружението, имаме работодавач каде работниците се заклучени, имаат постојана прекувремена работа, која не е евидентирана и не е платена.

-Овој тренд на прекршување на работничките права загрижува, особено по изјавите и барањата на Стопанската Комора која е претставувана од страна на Бранко Азески каде што се бара намалување на правата на работниците, односно е покрената иницијатива за враќање на недела да биде работен ден иако ние како Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“- Штип и како Гласен Синдикат на работниците се изборивме за законска измена со што нашето барање беше усвоено за недела да биде ден на неделен одмор како што е согласно чл.134 ст.2 од Законот за работните односи.

Битно да се напомене е и фактот дека новата влада и премиерот остваруваат средби со работодавачите каде што се разговара за помош и поддршка на приватниот сектор, а во врска со заеми, кредити и директна финансиска помош, за што се согласуваме, но да има контрола на таа помош и поддршка. За да не ни се случат злоупотреби како што се случија со шесте пакети на економски мерки во корона кризата, каде народните пари делумно завршија во џебовите на одредени работодавачи, а не како плати за работници. Но многу е евидентно дека одредени организации на работодавачи, на истите средби единствено бараат укинување на недела неработен ден, а со тоа и помали права на работниците.

Од друга страна, пак , не се слушнати барањата на работниците и проблемите со кои се соочуваат истите.

Затоа упатуваме ЈАВЕН АПЕЛ ДО ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ за средба во која, каде би ги образложиле барањата на работниците и проблемите со кои се соочуваат.
Имено, доколку продолжи овој тренд на ниски плати, непочитување на законите и никаква одговорност, ниту странските работници кои доаѓаат и си заминуваат, ниту пак пензионерите кои работат на „црно“, нема да ги потполнат местата во реалниот сектор. Напротив ќе слушаме за масовни иселувања и постојани отворени работни места кои не можат да се пополнат.

Го повикуваме премиерот Христијан Мицкоски како и министрите конечно да ја слушнат страната и на работниците од приватниот сектор од кои зависи економијата на една држава, овие пракси да бидат надминати, а се надеваме дека тоа ќе го направиме преку социјален дијалог со новата влада за да бидат донесени конкретни решенија за сузбивање на проблемите и конечно добробит на оние од кои сите зависат-работникот од реалниот сектор.

Да биде еднаш засекогаш подобрен стандардот на работниците и да бидат подобрени работничките права.

Ги повикуваме сите работници масовно да се зачленат во Гласен Синдикат на работниците бидејќи конечно постои Синдикат кој секогаш ќе стои рамо до рамо со работникот и кој секогаш ќе има „слух“ за конкретниот проблем на работникот. Колку сме побројни – толку сме посилни, стои во соопштението на „Гласен текстилец“.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close