Завршува „мандатот“ на есенската кошничка, што ќе биде со цените во маркетите
Мерката за замрзнување на маржите е со важност до крајот на октомври. Синдикалната кошничка е намалена за 57 денари, за едни е недоволно, за други доказ дека дала резултати
Есенската потрошувачка кошничка, мерка со која Владата се обиде да го сопре трендот на зголемување на цените на основните прехранбени производи, го завршува својот „мандат“ на крајот на овој месец, по што трговците ќе може слободно да ги формираат цените на производите кои сега се ограничени, иако, треба да се прилагодат на Законот за нефер трговски практики. Дали тоа ќе доведе до нов бран на зголемување на цените, или пак, како што претходно најавија од Министерството за економија, мерката ќе продолжи со Божиќна, односно новогодишна потрошувачка кошничка, а потоа со Велигденска, Рамазанска и тн, останува да се види. Исто така, многу се очекува и од спроведувањето на Законот за нефер трговски практики.
Јавноста е поделна во оцените за ефектите од замрзнување на профитната маржа на прехранбените производи коишто се дел од есенската потрошувачка кошничка. Со владината одлука намалени се цените на 73 основни прехранбени производи.
Како што покажуваат податоците од Сојузот на синдикати, тоа придонесе минималните трошоци во рамки на таканарчената синдикална кошничка на едно семејство во октомври да се намаленат за 57 денари. За власта тоа е доказ дека мерката дава резултати, додека опозицијата го смета спротивното, како и дека се неопходни дополнителни мерки, пред се зголемување на минималната плата, за што веќе достави и конкретен предлог закон во Собранието, што уште во старт наиде на негативни реакции кај валдејачкот мнозинство.
Според ССМ, податоците од синдикалната минимална кошница која за октомври изнесува 61.249,00 денари без трошоците за изнајмен стан од 60 метри квадратни, покажуваат дека мерката на Владата дала дел од посакуваните ефекти, но дека цените треба уште да се намалуваат бидејќи нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика.
„Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што Државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот ка храна и пијалоци во месец октомври 2024 година која изнесува 22.069,00 денари споредено со месец септември 2024 година (23.034,00 денари) е намелана за 965,00 денари“, велат од ССМ.
Од ССМ сметаат дека при креирање на мерките, Владата треба да го вклучи и синдикатот, а потребни се и поголеми контроли и казни за несовесните трговци.
Ова на некој начин го потврдуваат и податоците на Пазарната инспекција каде што во извештајот по направените контроли се вели дека цените на основните прехранбени производи опфатени со владината Одлука, се намалени кај повеќето трговци, но и дека биле затекнати трговци кои во моментот на надзорот вршеле нивелација на цените, како и дека имало и такви кои не ги намалиле цените и не ставиле ознаки пропишани во Одлуката.
Според извешјаот на ДПИ, биле изречени 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4 милиони денари, при што биле казнети како големи, така и средни трговци, односно маркети во Скопје (Aрaчиново и Чаир), Битола, Струмица, Валандово, Охрид, Куманово, Гостивар, Струга…